Најсреќните земји во светот во 2026 година: Дали моќниот пасош гарантира и среќен живот?

Финска е на врвот на Индексот на среќни пасоши за 2026 година, пред Исланд и Данска. Истражувањето покажува дека силниот пасош и високите приходи не се доволни за среќен живот – личната слобода и можноста самостојно да се носат животните одлуки имаат многу поголемо значење.

Индексот на среќни пасоши (Happy Passports Index) рангира 50 земји според низа критериуми – од задоволството од животот и граѓанските слободи до моќта на пасошот и приходите. Резултатите се прилично изненадувачки. Моќниот пасош можеби го олеснува запознавањето на светот, но дали навистина ги прави луѓето посреќни?

Новото рангирање покажува дека овие две работи не одат секогаш рака под рака, иако често се поврзани.

Истражувањето врз кое се заснова листата го објави компанијата „Глобал ситизен солушнс“, специјализирана за миграциски услуги и програми за стекнување престој и државјанство. Авторите анализирале 50 земји според тоа колку се среќни нивните жители, колку слобода имаат во сопствената земја, колку можности за патување им овозможуваат пасошите и каков животен стандард имаат.

Во предвид биле земени бројни показатели: оценката што луѓето ја даваат за квалитетот на својот живот, нивото на граѓански слободи, можностите за меѓународни патувања, висината на приходите, очекуваниот животен век и безбедноста. Целта била да не се измери само леснотијата на патување, туку и колку луѓето се среќни и слободни во земјата во која живеат.

Сите фактори се обединети во единствен резултат на скала од 100 поени во рамките на Индексот на среќни пасоши.

Нордиските земји на врвот

Нордиските земји се познати по високото ниво на задоволство од животот кај нивните жители, па не изненадува што се наоѓаат речиси на самиот врв на листата. Финска го предводи рангирањето со 93,2 од можни 100 поени. Веднаш зад неа се Исланд со 92,4 и Данска со 92,1 поен. Норвешка е на четвртото место, додека Шведска е шеста, со резултати од 89,3, односно 88,2 поени.

На петтото место е Швајцарија, уште една многу богата земја чии жители важат за задоволни и поседуваат моќни пасоши. Таа освоила 88,3 поени.

Богатството и моќниот пасош не се доволни

Високиот животен стандард и силниот пасош не гарантираат нужно високо место на оваа листа. Сингапур, на пример, има највисоко ниво на приходи, најдолг очекуван здрав животен век и најмоќен пасош меѓу анализираните земји. И покрај тоа, се наоѓа дури на десеттото место, поради послабите резултати во категориите благосостојба, каде што е на 23. место, и слобода во земјата, каде што е на 30. место.

И Обединетото Кралство има силен пасош што им овозможува на неговите граѓани голема слобода на патување. Сепак, се наоѓа дури на 29. место од вкупно 50 земји кога станува збор за чувството на слобода при донесувањето животни одлуки, како и во областа на граѓанските слободи. Поради тоа, во вкупниот пласман е на 17. место.

„Најсреќните земји главно имаат и моќни пасоши, но тоа не е правило“, вели д-р Лаура Мадрид, главна истражувачка во компанијата „Глобал ситизен солушнс“.

„Нашето истражување покажува дека во побогатите земји среќата е многу посилно поврзана со слободата отколку со моќта на пасошот. Пасошот нуди нешто поинакво: можност за избор надвор од границите на сопствената држава“, објаснува таа.

Поголемата мобилност не значи и поголема среќа

Индексот покажува дека во побогатите земји можноста за самостојно донесување лични животни одлуки е многу посилно поврзана со задоволството од животот отколку моќта на пасошот или висината на приходите.

Малта, Португалија, Јапонија, Кипар, Малезија, Шпанија и Грција постигнуваат многу добри резултати кога станува збор за слободата на патување и очекуваниот здрав животен век, но нивните жители пријавуваат пониско ниво на среќа.

Сите седум земји се подобро рангирани во вкупниот индекс отколку во категоријата што го мери исклучиво задоволството од животот. Португалија е особено интересен пример. На вкупната листа се наоѓа на 21. место, иако е дури на 39. место според оценката на граѓаните за квалитетот на сопствениот живот. Наодите на индексот сугерираат дека можноста за патување низ светот сама по себе не значи автоматски и подобар живот дома.

Зошто рамнотежата е поважна од богатството?

Нов Зеланд, Австралија и Малта се наоѓаат во горната половина на ранг-листата според повеќето показатели, иако не се меѓу првите десет ниту според богатството ниту според моќта на пасошот. Нов Зеланд, на пример, е дури на 25. место според приходите, но на осмото место во вкупниот пласман.

Заедничко за овие земји е урамнотежениот резултат во различните категории, а не исклучителноста во само една област. Тоа особено се забележува кај Костарика, Уругвај, Мексико, Панама, Бразил, Израел и Саудиска Арабија. Овие земји постигнуваат високи резултати во категоријата задоволство од животот и покрај тоа што имаат помалку моќни пасоши. Со тоа се потврдува дека слободата на патување е само еден дел од пошироката слика за квалитетот на животот.

Индекс на среќни пасоши за 2026 година: првите 10 земји

1. Финска – 93,2 поени

  • Благосостојба: 25,0
  • Слобода во земјата: 24,1
  • Мобилност: 24,5
  • Просперитет, здравје и безбедност: 19,5

2. Исланд – 92,4 поени

  • Благосостојба: 23,2
  • Слобода во земјата: 24,2
  • Мобилност: 23,4
  • Просперитет, здравје и безбедност: 21,7

3. Данска – 92,1 поен

  • Благосостојба: 23,2
  • Слобода во земјата: 23,9
  • Мобилност: 24,5
  • Просперитет, здравје и безбедност: 20,5

4. Норвешка – 89,3 поени

  • Благосостојба: 20,8
  • Слобода во земјата: 23,9
  • Мобилност: 24,2
  • Просперитет, здравје и безбедност: 20,3

5. Швајцарија – 88,3 поени

  • Благосостојба: 19,0
  • Слобода во земјата: 23,1
  • Мобилност: 24,1
  • Просперитет, здравје и безбедност: 22,1

6. Шведска – 88,2 поени

  • Благосостојба: 20,9
  • Слобода во земјата: 23,8
  • Мобилност: 24,2
  • Просперитет, здравје и безбедност: 19,3

7. Холандија – 86,2 поени

  • Благосостојба: 20,7
  • Слобода во земјата: 21,9
  • Мобилност: 24,1
  • Просперитет, здравје и безбедност: 19,6

8. Нов Зеланд – 84,4 поени

  • Благосостојба: 18,8
  • Слобода во земјата: 23,0
  • Мобилност: 23,5
  • Просперитет, здравје и безбедност: 19,0

9. Австрија – 83,8 поени


  • Благосостојба: 17,6
  • Слобода во земјата: 21,5
  • Мобилност: 24,3
  • Просперитет, здравје и безбедност: 20,4

10. Сингапур – 82,8 поени

  • Благосостојба: 15,5
  • Слобода во земјата: 18,5
  • Мобилност: 25,0
  • Просперитет, здравје и безбедност: 23,8

е-Трн да боцка во твојот инбокс