Во Словенија денеска се одржуваат локални избори на кои граѓаните избираат градоначалници и членови на општинските совети, а најголема неизвесност има во трката за градоначалник на Љубљана, каде што се пријавени 15 кандидати. Избирачките места беа отворени во 7 часот, а повеќе од 1,6 милиони гласачи можат да го остварат своето право на глас на вкупно 3.116 избирачки места, кои ќе бидат отворени до 19 часот.
Првите прелиминарни резултати од гласањето се очекуваат по 20 часот, пренесува „Дело“.
Меѓу парламентарните партии, најмногу кандидати за градоначалници има Словенечката демократска партија (СДС) – 78. Нова Словенија има 50 кандидати, Движењето Слобода 44, а Социјалдемократите (СД) 42 кандидати. Во 45 општини веќе е познато кој ќе ги предводи во следниот мандат, бидејќи за градоначалничката функција се пријавил само по еден кандидат, најчесто актуелниот градоначалник.
Во општините и градовите каде што ниту еден кандидат нема да освои повеќе од половина од гласовите, двајцата најдобро пласирани ќе се соочат во вториот круг, закажан за 29 ноември. На овогодинешните избори за градоначалници се кандидирале вкупно 614 лица, меѓу кои 123 жени.
Најголем број кандидати има во Љубљана – 15, додека во Марибор и Копер се пријавени по 10 кандидати.
