Протекоа одбранбени планови на Берлин по масовен хакерски напад

Хакерската група Рисида објави речиси шест терабајти доверливи документи, меѓу кои и сценарија за постапување при хемиски и нуклеарни закани.

Хакерската група Рисида објави на темниот интернет речиси шест терабајти доверливи податоци на берлинската администрација, меѓу кои се наоѓаат и строго доверливи германски одбранбени планови. Пакетот содржи речиси 1,44 милиони датотеки кои станаа јавно достапни откако властите не одговорија на уцената. Берлинската администрација и политичкиот врв досега немаат официјален коментар за обемот на компромитираните информации и безбедносните ризици.

Меѓу објавените документи се наоѓа и папка со ознака за рамковно планирање на мерки против хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни закани. Овие сценарија содржат прецизни протоколи за постапување на надлежните служби во случај на катастрофи од највисок степен. Со објавувањето на темниот интернет, деталните процедури и ранливите точки во кризните планови станаа достапни за странски разузнавачки служби и екстремистички групи.

Германскиот истражувачки новинар Ларс Винкелсдорф објави дека ударот директно ја загрозува безбедноста на државата. Документите не содржат само материјали од истрагите на покраинската криминалистичка полиција, туку и шеми за национална одбрана. Меѓу датотеките се наоѓаат тајни владини комуникациски канали предвидени за вонредни состојби, како и детални податоци за компании од германската наменска индустрија.

Истекувањето на материјалите отвора ризик од злоупотреба на базите во кои се евидентирани безбедносни проценки, кризни рути и интерни контакти на германските агенции. За разлика од вообичаените напади со уценувачки софтвер каде цел се финансиски средства од приватни компании, овој пробив задира во самата инфраструктура на управување при кризни состојби. Ова значи дека надлежните тела ќе мора темелно да ги менуваат воспоставените одбранбени протоколи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс