„Исповед за акварелот“: три децении нежност, боја и тишина на Снежана Илиева

Монографијата „Исповед за акварелот“ ќе биде промовирана на 9 јуни во Порта Македонија и претставува сведоштво за повеќе од три децении акварелно творештво на Снежана Илиева.

Монографијата „Исповед за акварелот“, посветена на творештвото на Снежана Илиева, ќе биде промовирана утре, 9 јуни, со почеток во 18 часот, во просториите на Порта Македонија.

Изданието заокружува повеќе од три децении акварелно творештво на Илиева и одбележува 25 години од нејзината прва самостојна изложба, одржана во Струмица во 2001 година.

Монографијата претставува лична и уметничка исповед за акварелот, една од најсуптилните сликарски техники, во која секој потег бара прецизност, чувство и доверба во водата и бојата. Низ лични записи, репродукции на дела и критички осврти, книгата го следи творечкиот пат на авторката од наставник по математика и физика до препознатливо име во македонското акварелно сликарство.

Во својата исповед, Илиева го опишува акварелот како своја „ѕвезда водилка“, простор на слобода, искреност и духовна исполнетост. За неа, сликата не е само украс на просторот, туку тивко присуство што го носи внатрешниот свет на авторот.

„Една слика носи илјада зборови што тивко извираат од срцето на авторот. Во неа постоиш, чувствуваш и твориш – и сѐ што е родено од срцето и душата нѐ допира, нѐ буди и нѐ привлекува. Токму затоа сликите не се само уметност, туку стануваат душата на просторот: основен украсен елемент на домот и тивок сведок на нашето секојдневие“, истакнува Илиева во монографијата.

Иако по вокација не е академски сликар, Снежана Илиева зад себе има богат и препознатлив ликовен пат, обележан со бројни изложби и признанија. Меѓу нив е и Првата награда за акварел од КИЦ – Скопје, добиена во 2003 година.

Нејзиниот лирски сликарски опус е инспириран од природата, староградската архитектура и интимните пејзажи на просторот и сеќавањето. Нејзиниот талент бил препознаен и преку учество на јубилејната изложба посветена на Љубомир Белогаски, каде изложувала рамо до рамо со доајените на македонското сликарство.

„Исповед за акварелот“ не е само преглед на дела, туку сведоштво за еден долг, посветен и тивок однос кон уметноста. Тоа е книга за бојата, водата, светлината и упорноста, но и за личниот пат на една авторка која својот живот го посветила на образованието, а својата внатрешна тишина ја преточила во акварел.

е-Трн да боцка во твојот инбокс