ИСОС собра над 1000 сметководители од регионот: професијата влегува во дигитална ера

Третата регионална конференција на ИСОС ја отвори дискусијата за дигитализацијата, вештачката интелигенција, младите и трансформацијата на сметководството од оперативна во стратешка професија.

Над 1000 сметководители и овластени сметководители од земјава и регионот, претставници на институции, меѓународни организации, академската заедница, деловниот сектор, студенти и средношколци учествуваат на Третата регионална конференција во организација на Институтот на сметководители и овластени сметководители, ИСОС.

Годинешната конференција се одржува под мотото „Генерација со визија – Професија со иднина“, а фокусот е ставен на трансформацијата на сметководствената професија во услови на забрзана дигитализација, нови регулаторни барања и зголемена потреба од доверба, транспарентност и усогласување со меѓународните стандарди. Посебен акцент е ставен на младите како двигатели на идните промени во професијата.

Конференцијата ја отворија претседателката на ИСОС, Весна Прентоска, и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски. Прентоска порача дека сметководството денес не е само професија што регистрира бројки, туку професија што создава доверба, поддржува носење здрави одлуки и директно влијае врз економските текови.

Министерот Андоновски нагласи дека дигитализацијата има вистинска вредност кога граѓаните и компаниите ја чувствуваат во секојдневното работење, преку побрзи услуги, помалку административни формалности и повеќе простор за анализа, советување и развој. Според него, дигиталната трансформација на сметководството е суштинска за иднината на компаниите, ефикасноста на институциите и конкурентноста на економијата.

Во рамки на конференцијата беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу ИСОС и Стопанската комора на Северна Македонија. Документот, потпишан од Весна Прентоска и Бранко Азески, воспоставува рамка за долгорочна соработка насочена кон унапредување на квалитетот и транспарентноста на финансиското известување, поддршка на компаниите во примената на домашната и меѓународната регулатива и зајакнување на врската меѓу сметководствената професија и бизнис-заедницата.

Програмата опфаќа панел-дискусии и тематски сесии за финансиско известување според меѓународни стандарди, улогата на вештачката интелигенција и дигитализацијата, како и преминот на сметководството од оперативна кон стратешка функција. Дел од конференцијата се и сесии со претставници на Меѓународната федерација на сметководители, IFAC, и CFE Tax Advisors Europe, како и Саем за дигитализација со современи софтверски решенија за сметководствената практика.

Посебно внимание е посветено на младите преку подкаст-сесијата „Повеќе од само бројки“, која отвора разговор за новите вештини, очекувања и можности за новата генерација сметководители. Со третото издание на конференцијата, ИСОС ја нагласува својата улога во модернизацијата, регионалната соработка и меѓународната афирмација на сметководствената професија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни