Секојдневната презаситеност од дигитални содржини ги тера луѓето се почесто да бараат пауза од онлајн платформите. Искуствата и предупредувањата од стручњаците за ментално здравје покажуваат дека социјалните мрежи кај многумина предизвикуваат замор, пад на концентрацијата и чувство на празнина. Наместо забава, престојот на интернет станува извор на притисок, па оддалечувањето од алгоритмите за многумина се претвора во чин на самоодржување.
Платформите не застануваат. Кратките видеа, известувањата, кавгите во коментари и напливот на негативни вести создаваат постојан притисок врз вниманието. Со телефонот постојано во рака, мозокот нема простор за вистински одмор. Советниците за ментално здравје посочуваат дека ваквото преоптоварување директно води кон емоционална исцрпеност.
Иако се замислени да зближуваат, апликациите често произведуваат спротивен ефект. Гледањето филтрирани успеси, луксуз и навидум совршени врски поттикнува постојано споредување. Истражувањата за добросостојба покажуваат дека сервисите со агресивни алгоритми, како Инстаграм, ТикТок и Икс, носат пониско ниво на задоволство во однос на платформите наменети за директна порака.
Прелистувањето содржини до доцна во ноќта остава директни последици. Сината светлина од екраните и постојаната стимулација ја нарушуваат способноста за длабок сон. Истовремено, корисниците се потешко задржуваат внимание на подолги содржини, како книга или подолг видеоматеријал, бидејќи умот е навикнат на брзи и кратки стимули.
За многумина решението не е целосно гаснење на профилите, туку поставување јасни граници. Сè почесто се применува исклучување на нотификациите, бришење на апликациите за време на викенди или утврдување временски лимит за користење. Оние што го намалиле престојот на мрежите брзо забележуваат помалку анксиозност и поголемо присуство во секојдневието.