Во продолжение го пренесуваме демантот на Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ во целост:
Изминативе неколку денови, Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) повторно е цел на координирани напади од страна на интернет порталите Плус Инфо, Лидер и Нетпрес, како и со нив поврзани социјални платформи, кои дистрибуираат лажни и непрофесионални информации со цел дискредитација на организацијата и новинарите.
Во фокусот е нашиот договор за соработка со МРТВ, потпишан во 2023 година, со траење до крајот на септември 2026 година, во чии рамки ИРЛ во копродукција со МРТВ изработува видео содржини.
Договорот не е таен и е дел од неколкуте вакви договори за копродукција што МРТВ ги има и со други непрофитни и профитни организации и продукции во земјава.
Ги демантираме тврдењата дека ИРЛ вршела наводни криминални дејствија поради „доцнење и неисполнување на своите обврски“.
Целосна лага е дека ИРЛ не доставила содржини и дека договорот е завршен. Нашата редакција тековно работи на преостанатите содржини, за кои имаме и детален план за објава до крајниот рок.
Спротивно на тврдењата дека немаме ниту еден вработен, ИРЛ има 10 вработени, додека фирмата ИРЛ Стори Лаб има три. ИРЛ дополнително ангажира и надворешни соработници за реализација на своите продукти, согласно врвните меѓународни професионални и етички стандарди што гарантираат квалитет.
Како непрофитна организација што доминантно се финансира од грантови и донации, ИРЛ има редовна комуникација и размена на информации со своите партнери, согласно договорите.
Овие, како и сите претходни напади врз нашата редакција и работење, ги сметаме за дел од постојани злонамерни обиди за дискредитација на истражувачкото новинарство во земјава и обид за спречување на борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Резултатите од нашиот професионален ангажман се видливи.
Продуктите на ИРЛ, емитувани како дел од договорот со МРТВ, досега имаат освоено 11 домашни и меѓународни награди, меѓу кои и престижната „Global Shining Light Award 2023“, која МРТВ и ИРЛ ја делат со британскиот јавен сервис BBC.