Иранската војска синоќа испукала најмалку две ракети кон трговски бродови што пловеле низ Ормускиот Теснец, тврдат двајца американски претставници за Axios. Нападот дополнително ги зголеми тензиите на Блискиот Исток и ја доведе во прашање неодамнешната спогодба за безбедност на пловидбата низ еден од најважните светски поморски премини.
Според американските извори, Вашингтон сериозно разгледува воен одговор врз ирански цели.
Два брода погодени, нема жртви
Британската служба за поморски трговски операции (UKMTO) соопшти дека добила пријава од танкер кој пловел покрај брегот на Оман, во близина на Ормускиот Теснец. Екипажот јавил дека бродот бил погоден од засега неидентификуван проектил, по што избувнал пожар.
Американски претставник потврдил дека и втор трговски брод бил погоден со ракета. И двата брода претрпеле значителни оштетувања, но според достапните информации нема загинати или повредени членови на екипажот.
Пропадна договорот за прекин на нападите
Нападите се случија веднаш по истекот на еднонеделниот договор меѓу САД и Иран за запирање на нападите во Ормускиот Теснец. Претходно, двете страни потпишаа меморандум со кој Иран се обврза да ги прекине нападите врз трговски бродови, но новиот инцидент го доведе во прашање неговото спроведување.
Минатата недела во Доха, Катар, се одржаа индиректни разговори меѓу американски и ирански претставници, но тие завршија без конкретен напредок.
Ормускиот Теснец е клучен за светската енергетика
Ормускиот Теснец е една од најважните светски поморски рути, низ која во мирнодопски услови поминува околу една петтина од глобалната трговија со нафта и природен гас.
Иранската државна телевизија објави дека нападнатиот танкер со течен природен гас ги игнорирал предупредувањата на иранските власти, но Техеран не презеде директна одговорност за нападот. Иран и претходно тврдеше дека само пловидбата по рутите што ги одобрува Техеран е безбедна, додека западните земји го обвинуваат за напади и врз бродови што користеле алтернативни правци.
Расте ризикот од нова ескалација
Според американски извори, Вашингтон сака што побрзо да ги обнови разговорите со Иран за повторно воспоставување безбедна пловидба низ Ормутскиот Теснец, но во исто време разгледува и можни воени мерки. Доколку дојде до американски напади врз ирански цели, постои опасност од нов циклус на одмазди во регионот, што дополнително би ја загрозило безбедноста на Блискиот Исток и светските енергетски пазари.