Техеран предупреди: Ќе почнеме сеопшта офанзива ако американските напади продолжат

Техеран предупреди дека ќе премине во сеопшта офанзива ако американските напади продолжат, додека САД седма ноќ по ред гаѓаат цели во Иран.

Иран предупреди дека ќе премине во фаза на „сеопшта офанзива“ доколку американските напади врз земјата продолжат уште неколку дена, додека САД седма ноќ по ред изведуваат воздушни удари врз ирански цели.

Воен советник на иранскиот врховен лидер, Мохсен Резаи, изјави дека Техеран нема да остане само на возвраќање на ударите доколку операциите продолжат.

„Иран повеќе нема да се задоволи само со возвраќање на ударите и ниту една граница нема да биде безбедна“, порача Резаи, пренесе иранската државна телевизија.

САД продолжуваат со напади врз Иран

Во меѓувреме, американската војска соопшти дека продолжува со нова серија напади врз Иран, чија цел е дополнително слабеење на иранските воени капацитети.

Иранските власти тврдат дека во нападите биле оштетени електроенергетската мрежа, мостови, пристаништа, аеродром, телекомуникациска инфраструктура и железничка станица. Овие информации засега не се потврдени од Вашингтон.

Танкери експлодирале кај Ормускиот Теснец

Револуционерната гарда соопшти дека два нафтени танкери експлодирале и се запалиле при преминување низ минско поле јужно од Ормускиот Теснец.

Засега не е соопштено на која држава ѝ припаѓале пловилата, ниту дали има жртви.

Продолжувањето на нападите дополнително го зголемува ризикот од поширока ескалација во регионот, особено околу Ормускиот Теснец, кој е една од најважните светски рути за транспорт на нафта и гас.

е-Трн да боцка во твојот инбокс