Иран подготвен да се откаже од нуклеарно оружје во замена за 25 милијарди долари и укинување на санкциите

Иран наводно е блиску до договор со САД според кој ќе се откаже од развој на нуклеарно оружје, а за возврат ќе добие пристап до 25 милијарди долари замрзнати средства и олеснување на санкциите.

Иран се обврзал дека нема да произведува ниту да набавува нуклеарно оружје во рамки на нацрт-меморандум за разбирање со Соединетите Американски Држави, тврди висок ирански функционер, пренесува Sky News. Американската страна засега не ги коментирала информациите за наводниот договор.

Според изворот, деталите околу постојните ирански резерви на збогатен ураниум треба да бидат договорени во наредните 60 дена. Техеран инсистира евентуалното разредување на нуклеарниот материјал да се спроведе на иранска територија.

Нацрт-договорот предвидува и привремено олеснување на американските санкции врз извозот на иранска нафта, што би му овозможило на Иран повторно да продава нафта на меѓународниот пазар и да располага со приходите. Дополнително, според наводите, Иран би го деблокирал Ормускиот Теснец, една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта и гас, додека САД би ја укинале поморската блокада на иранските пристаништа. Еден од најзначајните делови од договорот е и можноста САД да ослободат замрзнати ирански средства во вредност од околу 25 милијарди долари.

Во меѓувреме, катарски посредници отпатувале во Техеран за да помогнат во финализирањето на договорот, кој би можел да стави крај на актуелните тензии и конфликтот меѓу САД и Иран. Катар и Пакистан во последните месеци имаат клучна посредничка улога меѓу двете страни.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека очекува договорот да биде потпишан во текот на денот, додека иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи претходно најави дека преговорите се во завршна фаза. Сепак, од Техеран пристигнуваат и повнимателни пораки дека отпорот од тврдокорните политички кругови во земјата би можел да го забави процесот. Доколку биде постигнат, договорот би претставувал значаен пресврт во односите меѓу двете држави и би можел да има големо влијание врз глобалниот енергетски пазар и безбедносната состојба на Блискиот Исток.

е-Трн да боцка во твојот инбокс