Со силна порака за еднаквост, достоинство и општество достапно за сите, на 6 јуни продолжи петтото издание на „Инфјужн“. Денот започна со „Маршот на исклучените“, кој ја отвори темата за правата на лицата со попреченост и потребата од пристапни јавни простори.
Учесниците се собраа пред Владата на Република Северна Македонија, од каде што заедно маршираа кон Град Скопје и Градскиот парк. Со тоа испратија јасен повик за унапредување на правата на лицата со попреченост и за градење заедница во која никој нема да биде изоставен.
Маршот беше потсетник дека инклузијата не е привилегија, туку основно право за кое заедницата на лицата со попреченост се бори секојдневно.
По маршот, програмата продолжи на летната сцена „Лепеза“ во Градскиот парк, каде посетителите имаа можност да учествуваат во динамична и интерактивна програма. Со поддршка од Планет ВР, беа организирани VR искуства преку кои публиката можеше да навлезе во светот на виртуелната реалност и да искуси нови форми на забава, креативност и технологија.
Денот продолжи во опуштена атмосфера со друштвени игри, за кои се погрижи тимот на „Портал“. Активностите донесоа многу насмевки, тимски дух и можности за нови познанства и пријателства.
Фестивалскиот дух го заокружија музиката, енергијата и танцувањето. За атмосферата се погрижија DJ Ficho, Александар Тарабунов и Илија и Дивите – млад бенд кој публиката со симпатии го нарече македонските Arctic Monkeys.
За успешната реализација на денот беа задолжени тимот на Здружението „Икуалити“ и волонтерите, кои со голема енергија и ентузијазам придонесоа настанот да помине во најдобар ред. Поддршка во теренската организација дадоа и волонтерите од Прокредит Банка, кои помогнаа секој посетител да има убаво и незаборавно искуство.
„Инфјужн“ продолжува и следната сабота, на 13 јуни, со нови содржини, дружење, музика, интеракција и активности кои ја слават различноста и ја испраќаат пораката дека заедно може да се создаде поотворено и подостапно општество за сите.