Илон Маск би можел да стане првиот трилионер во светот доколку неговата вселенска компанија SpaceX излезе на берза, се наведува во анализа на „Морган Стенли“, пренесува Sky News.
Според аналитичарите, SpaceX би можела да достигне вредност од еден трилион долари. Во комбинација со останатата имотна состојба на Маск, вклучително и неговите удели во Tesla, тоа би можело да го турне неговото богатство над историската граница од еден трилион долари.
Аналитичарот Адам Џонс ја опиша SpaceX како „компанија водена од мисија“ и потенцијално „највредната компанија во светот“. Во белешка до клиентите, тој наведува дека вредноста на компанијата би можела да се искачи до еден трилион долари.
„Повеќе клиенти ни рекоа дека, ако Илон Маск стане првиот трилионер, тоа нема да биде поради Tesla“, напиша Џонс. „Други, пак, изјавија дека SpaceX со текот на времето би можела да стане највредната компанија во светот, независно од индустријата.“
Клучна улога во идниот раст на SpaceX има Starlink, сателитската интернет-услуга на компанијата. Според анализата, огромниот потенцијал на SpaceX се темели на два главни сегменти: истражување и комерцијализација на вселената, како и глобалната сателитска интернет-мрежа.
Џонс оценува дека SpaceX ги менува границите на возможното кога станува збор за ракети, лансирања и инфраструктура за вселенски летови.
„SpaceX ги оспорува сите досегашни претстави за тоа што е можно и во какви временски рамки може да се постигне“, наведува тој.
Во извештајот компанијата е опишана и како „машина за човечки капитал“, бидејќи привлекува врвни инженерски таленти. Еден клиент, според Џонс, ја споредил промената што ја носи SpaceX со почетоците на интернетот: „Да се зборува за вселената пред Starship е како да се зборува за интернетот пред Google.“
Маск поседува приближно половина од SpaceX. Ако компанијата достигне вредност од еден трилион долари, неговиот удел би вредeл околу 500 милијарди долари. Заедно со останатото богатство, тоа би можело да го направи првиот човек во светот со нето-вредност од над еден трилион долари.
Во моментот на објавување на анализата, Маск веќе беше најбогатиот човек во светот, со богатство проценето на повеќе од 200 милијарди долари. На предвидувањата за неговото можно идно богатство, тој реагираше кратко на платформата X, објавувајќи емотикон