Илјадници граѓани се собраа на голем протест во Нови Сад во саботата, на студентски собир кој заврши со пораки за политички промени, подобрување на изборните услови и реформа на институциите. Учесниците порачаа дека „студентите не се откажуваат“ и најавија дека движењето ќе се шири низ цела Србија во текот на летото.
Протестот, организиран од студенти, опфати дискусии за изборниот систем, состојбата во полицијата, судството и медиумите, како и за сè поголемата недоверба на граѓаните во институциите. Активистите истакнаа дека целта е поширока мобилизација на општеството и притисок за промена на политичкиот систем.
Една од говорничките, Катерина Перовиќ, активистка од „Гласовите на младите на општина Кула“, порача дека „Србија не е Српската напредна странка, ниту Александар Вучиќ, туку сите граѓани“. Професорката Сања Белиќ од Природно-математичкиот факултет оцени дека уцените и купувањето гласови се меѓу клучните проблеми на системот и повика граѓаните да излезат и да гласаат и покрај тешките услови.
Студентката Матеја Магда од Правниот факултет истакна дека Нови Сад е „местото каде што сè започна“, алудирајќи на трагедијата на железничката станица, и најави летни активности „од врата до врата“ со цел проширување на поддршката за студентското движење.
Меѓу присутните беа и познати личности, меѓу кои српскиот кошаркар и претседател на Евролигата Дејан Бодирога, како и ректорот на Универзитетот во Белград, Владан Ѓокиќ. Локалните медиуми јавија дека протестот поминал без инциденти, а граѓаните се разотишле пред стемнување, како што претходно најавиле организаторите од безбедносни причини. Ниту организаторите ниту медиумите не објавија точна бројка на учесници, додека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека на протестот имало околу 3.300 луѓе.
Овој студентски собир е прв поголем протест по големиот собир во Белград на 23 мај и продолжение на повеќемесечните активности започнати по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица. Демонстрантите и понатаму бараат политичка и кривична одговорност.
Во меѓувреме, студентското движење прерасна во поширока политичка платформа која бара предвремени избори, подобрување на изборните услови и поголема отчетност на институциите. Властите во Србија упатија критики кон студентите, додека Александар Вучиќ најави дека на состанок на Српската напредна странка на 27 јуни во Белград ќе се разговара за избори и можни политички одлуки, вклучително и неговата улога во иднина. Тој најави дека избори би можеле да се одржат во октомври или ноември, без да прецизира дали станува збор за парламентарни или претседателски избори, и ги повика граѓаните да присуствуваат на партискиот собир за да ги слушне нивните ставови.