Доколку летово планирате да го поминете одморот на хрватското крајбрежје, корисна информација е дека земјата прави сериозна реорганизација на својот здравствен систем за да одговори на приливот на туристи. Хрватските власти потврдија дека во 11 жупании се отвораат рекордни 62 туристички амбуланти при локалните домови на здравјето, што е за 22 локации повеќе од минатата година. Во овие дежурни ординации, сите странски и домашни посетители ќе можат брзо да добијат преглед, рецепти за потребната терапија и упати за неодложни медицински услуги.
Очекувано, најголем дел од овие амбуланти ќе бидат лоцирани во најпопуларните и најпосетените туристички региони. Најмногу ординации (дури 12) ќе има во Дубровничко-неретванската жупанија, по шест во Задар и Сплит, а по пет дополнителни тимови се распоредуваат низ Истра, Шибеник, Приморје и Лика. Веќе во текот на овој месец, паралелно со летниот шпиц, првите 50 локации ќе почнат да работат со полн капацитет.
Главната цел на овој потег е да се спречи колапс на редовните болници и итни медицински центри на морето, кои секое лето се соочуваат со енормен притисок. За да не чекаат туристите со часови за обичен преглед, дежурните лекари во овие амбуланти добија директен дигитален пристап до Централниот здравствен систем (ЦЕЗИХ). Тоа значи дека тие со иста брзина како и матичните лекари ќе можат веднаш да издаваат рецепти и упати.
Оваа здравствена заштита можат без проблем да ја користат сите хрватски осигуреници, како и туристите од Европската Унија со нивната Европска картичка за осигурување (ЕКЗО). Исто така, системот ги покрива и сите граѓани од државите со кои Хрватска има потпишано билатерални договори за социјално и здравствено осигурување. За модернизација на овие простории и за набавка на современа медицинска опрема, државата во изминатите три години вложи повеќе од 620.000 евра. За поголема достапност, сите детални информации и точни локации на амбулантите се објавени на хрватски и англиски јазик на веб-страниците на Министерството за здравство и Хрватската туристичка заедница.