Надуеност, замор и слаб имунитет: Која храна може да им штети на цревата?

Секојдневните навики во исхраната можат да ја нарушат цревната микробиота и да влијаат врз варењето, енергијата и имунитетот.

Здравјето на цревата има клучна улога во целокупното функционирање на организмот, бидејќи не влијае само врз варењето, туку и врз имунитетот и менталното здравје.

Во цревата се наоѓа голем дел од имунолошкиот систем, како и сложен микробиом кој помага во разградувањето на храната, апсорпцијата на хранливите материи и заштитата од штетни бактерии.

Сè повеќе докази покажуваат дека состојбата на цревата може да влијае и врз расположението, нивото на енергија, па дури и врз развојот на одредени болести. Токму затоа грижата за нивното здравје е од особено значење.

Сепак, секојдневните навики во исхраната често ја нарушуваат рамнотежата на цревната микробиота, што може да доведе до бројни проблеми како надуеност, замор и ослабен имунитет. Кои намирници се најголемите виновници за тоа ?

Индустриски преработените производи, како грицки, готови јадења и брза храна, се полни со адитиви, конзерванси и нездрави масти. Таквата храна ја нарушува рамнотежата на добрите бактерии во цревата и може да поттикне воспалителни процеси.

Прекумерниот внес на рафинирани шеќери им погодува на штетните бактерии и габички во цревата. Тоа може да доведе до нарушување на микробиотата и до проблеми како надуеност и лошо варење.

Иако вештачките засладувачи често се сметаат за поздрава алтернатива на шеќерот, дел од нив може негативно да влијаат врз цревните бактерии и метаболизмот. Истражувањата покажуваат дека можат да ја нарушат рамнотежата на микробиотата.

Прекумерната консумација на алкохол може да ја оштети цревната слузница и да го намали бројот на корисни бактерии. Тоа го зголемува ризикот од воспаленија и проблеми со варењето.

Пржената и масна храна, особено онаа богата со заситени и трансмасти, потешко се вари и може да предизвика воспалителни процеси во цревата, како и непријатности како надуеност и киселини.

Газирани пијалаци често содржат големи количини шеќер и вештачки адитиви кои негативно влијаат врз цревната флора. Дополнително, тие можат да предизвикаат надуеност и иритација на дигестивниот систем.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни