„Homo archīvālis“: Кога телото станува архива – изложба за заборавените балкански тетоважи и нивните тајни симболи

Тетоважите некогаш не биле мода, туку идентитет, заштита и отпор. Новата изложба „Homo archīvālis“ ги истражува традиционалните балкански тетоважи и македонските народни везови како визуелен јазик преку кој генерации ги зачувувале своите верувања, припадност и колективно сеќавање.

Минатата недела во Монтажната галерија во Паркот на Франкофонијата се одржа изложбата „Човек – архива“ на Анатсасија Саздовска. Изложбата е инспирирана од традиционалните балкански тетоважи и македонските народни везови, практики во кои симболите не биле само украс, туку начин на изразување идентитет, припадност, верувања, заштита и отпор.

Што ако телото може да биде архива? Не архива од документи и фотографии, туку од симболи, верувања и приказни оставени на кожата. Токму од оваа идеја тргнува проектот „Homo archīvālis“, авторска кованица од латинските зборови homo – човек и archīvālis – архивски, кој го претставува човекот како „телесна архива“ на записи.

Тетоважа како личен документ

Традиционалното тетовирање на Балканот било познато под различни имиња – „сицање“, „боцање“, „дрицање“ и „шарање“. Корените на овој обичај се поврзуваат со далечни историски периоди. Античките автори Херодот, Страбон и Плиниј оставиле сведоштва за тетовирањето кај древните Илири, Трачани и Дачани. Во различни заедници тетоважата имала различно значење. Таа можела да биде знак на потекло и припадност, но и белег со заштитна или религиозна функција.

Со текот на времето, особено во периодот на Османлиското Царство, традицијата добила и силна социјална и одбранбена димензија. Кај дел од христијанското население на Балканот, особено во Босна и Херцеговина и кај Власите во Македонија, Грција и Албанија, децата биле тетовирани со крстови, соларни и други симболи.

Тетоважите биле нанесувани на видливи делови од телото – челото, подлактиците, надлактиците, градите и рацете. Според традиционалните верувања, тие требало да ја потврдат верската и етничката припадност и да служат како заштита во услови на насилство, присилно одведување или обид за асимилација. Токму затоа тетоважата се претвора во нешто многу поголемо од украс – траен личен документ запишан врз телото.

Крстови, сонце, коло и „ограда“

Меѓу најчестите мотиви бил крстот, кој се појавувал во десетици различни форми. Посебно место имале и соларните мотиви, познати како „кола“ – кругови и композиции кои го симболизирале сонцето, вечниот животен циклус и заедницата.

Во босанскиот регион се појавува и мотивот „ограда“, составен од полукружни или полуквадратни форми украсени со гранчиња или крстови. Тој се поврзувал со домот, семејниот простор и заштитата од надворешни зла. Мотивите често биле надополнувани со гранчиња, житни класја, ѕвезди, сонце и месечина – симболи поврзани со плодноста, изобилството и природните циклуси.

Тетовирањето било строго ритуализирано

Традиционалното тетовирање не се правело случајно. Обичајот бил поврзан со точно определен период од годината, најчесто пролетта и празници како Свети Јосип, Благовештение, Цветници или деновите пред Велигден. Како алат се користеле една или повеќе метални игли врзани заедно, а во некои средини и трње.

Црнилото се подготвувало од саѓи добиени со согорување борово дрво, кои се мешале со различни состојки – меѓу нив мајчино млеко, плунка, мед, вода, ракија или барут. Мотивот најпрво се цртал на кожата или се пренесувал со дрвени калапи, а потоа кожата се боцкала со иглите додека не потече крв. Раната се премачкувала со подготвеното црнило, кое требало трајно да остане под кожата.

Женското тело како носител на колективното сеќавање

„Homo archīvālis“ не се задржува само на историскиот аспект на традиционалното тетовирање. Изложбата го поставува женското тело како простор преку кој се зачувува и пренесува колективното знаење. Преку дигитални колажи и дела изработени во комбинирана техника, традиционалните симболи повторно се поставуваат во современ контекст.

На тој начин изложбата поставува и пошироко прашање: што останува од едно културно наследство кога исчезнуваат луѓето што го носеле, но симболите продолжуваат да живеат? Во овој проект телото станува архивски простор, а тетоважата, запис кој не се чува во музејска витрина, туку на самата кожа. Изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и Општина Центар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс