Холандија воведе национален план за заштита од жештини и издаде жолто предупредување. Во делови од земјата се очекуваат температури до 34°C, а синдикатите бараат подобра заштита на работниците.

Холандија активираше национален план за топлотен бран: Температурите ќе достигнат до 34 степени

Холандија се подготвува за нов топлотен бран, при што температурите во текот на викендот во одредени делови од земјата би можеле да достигнат и до 34 степени Целзиусови. Поради најавените екстремни горештини, властите го активираа националниот план за топлотен бран и издадоа жолто метеоролошко предупредување за повеќе региони.

Највисоки температури се очекуваат во покраините Лимбург, Северен Брабант и Зеувс-Фландерен, каде што живата во термометарот ќе се искачи до 34 степени. Во централните и јужните делови на земјата се прогнозираат температури меѓу 30 и 33 степени, додека на северот ќе биде посвежо, со температури од 22 до 24 степени, под влијание на североисточен ветер.

Според метеоролозите, жешкото време ќе продолжи и во наредните денови. По средината на следната недела се очекува продор на посвеж воздух, кој ќе донесе повеќе облачност, локални врнежи и можност за грмежи.

Во пресрет на топлотниот бран, холандскиот синдикат CNV предупреди дека голем број работни места не се приспособени за работа при екстремно високи температури.

Анкета спроведена меѓу 1.500 вработени во градежништвото, индустријата и здравствениот сектор покажала дека повеќе од половина од работниците извршуваат физички напорна работа за време на екстремните горештини, а 56 проценти сметаат дека високите температури создаваат небезбедни услови за работа.

Синдикатот наведува дека многу работодавци сè уште немаат планови за работа во услови на екстремна жештина и повика властите да воведат задолжителни мерки за заштита на работниците. Меѓу предложените мерки се прилагодено работно време, дополнителни паузи, обезбедување средства за разладување и привремено прекинување на работата кога условите стануваат опасни.

Од CNV предупредуваат дека климатските промени ги прават екстремните топлотни бранови сè почести и побараа законски измени со кои ќе се зајакне заштитата на работниците за време на периоди на високи температури.

е-Трн да боцка во твојот инбокс