ХЕРА: Сеопфатното сексуално образование е решение за насилството, дезинформациите и злоупотребата

На децата не им треба помалку образование, туку повеќе знаење, повеќе превенција и повеќе заштита“ велат од ХЕРА

ХЕРА изрази сериозна загриженост по информацијата дека Министерството за образование и наука ја повлекува програмата и изборниот предмет „Сексуално образование“ од средното образование и најавува негова темелна ревизија по реакции во јавноста.

Од организацијата сметаат дека во услови кога податоците за насилството, дискриминацијата и здравјето на младите се алармантни, образовните програми треба да одговорат на нивните секојдневни потреби, но и на оправданата загриженост на родителите.

„Ако има нешто од што треба да се плашиме, тоа не е сеопфатното сексуално образование, туку сè почестите случаи на вознемирување, сексуално насилство, малтретирање и силување меѓу младите, извршено од малолетници, како во училиштата, така и во јавните простори“, наведуваат од ХЕРА.

Според податоците што ги посочува организацијата, околу 10 проценти од децата на возраст од 12 до 17 години во Северна Македонија, односно речиси 12.000 деца, во период од една година биле изложени на некаква форма на сексуална експлоатација или злоупотреба овозможена преку технологијата.

Осум проценти од децата биле изложени на сексуални слики, пет проценти добиле несакани барања за испраќање интимни фотографии или видеа, а четири проценти биле уценувани дека нивни интимни содржини ќе бидат објавени. Кај три проценти од децата таквите содржини веќе биле споделени без нивна согласност.

Дополнително, во 78 проценти од случаите сторителот бил лице што детето го познава, додека повеќе од половината случаи на сексуална експлоатација се случиле преку социјалните мрежи и комуникациските платформи, меѓу кои Instagram, Snapchat, TikTok и WhatsApp.

Наспроти ваквата состојба, само 19 проценти од анкетираните деца изјавиле дека добиле некаков вид сексуално образование. ХЕРА посочува и дека во 2024 година биле родени 588 деца од мајки на возраст меѓу 15 и 19 години, додека во период од само еден месец биле регистрирани 11 нови случаи на ХИВ.

Според организацијата, повлекувањето на сеопфатното сексуално образование значи отстранување на една од ретките системски алатки преку кои младите можат да научат како да препознаат ризик и злоупотреба, да постават лични граници, да кажат „не“, да побараат помош и да го заштитат сопственото здравје.

Што покажуваат меѓународните истражувања?

Сеопфатното сексуално образование не се сведува само на информации за сексуалните односи, контрацепцијата и репродукцијата. Тоа опфаќа и содржини за човековото тело, пубертетот, емоциите, здравите односи, согласноста, личните граници, безбедноста на интернет, родовата еднаквост, превенцијата од насилство и препознавањето различни форми на злоупотреба. Содржините се приспособуваат на возраста и развојот на учениците.

Научните докази што ги сумираат Светската здравствена организација и УНЕСКО покажуваат дека квалитетните програми за сексуално образование можат да придонесат младите подоцна да започнат со сексуални односи, поретко да практикуваат ризично однесување и почесто да користат кондоми и друга контрацепција кога се сексуално активни.

Истражувањата не го потврдуваат тврдењето дека сексуалното образование ги поттикнува младите порано да станат сексуално активни. Напротив, програмите кои истовремено зборуваат за одложување на сексуалните односи и за заштита се покажуваат како поефикасни од програмите што се засноваат исклучиво на апстиненција.

Посебно важна придобивка е подобрата способност на децата и младите да препознаат несоодветно однесување, притисок, манипулација, уцена и сексуална злоупотреба. Тие учат дека имаат право на телесна автономија, дека согласноста мора да биде доброволна и дека можат да се обратат кај родител, наставник, психолог, полиција или друга надлежна служба кога се чувствуваат загрозено.

Советот на Европа го препознава сексуалното образование како важна алатка за спречување сексуална злоупотреба и експлоатација на децата. Тоа е особено значајно во дигиталната ера, кога младите се изложени на онлајн намамување, барања за интимни фотографии, сексуални уцени, сајбер-насилство и споделување содржини без согласност.

ССО може да придонесе и кон спречување на родово базираното и партнерското насилство преку учење за еднаквоста, заемното почитување, ненасилното решавање конфликти и препознавањето контролирачко или манипулативно однесување во врските.

Програмите истовремено ја подобруваат здравствената писменост. Младите добиваат точни информации за сексуално преносливите инфекции, ХИВ, контрацепцијата, менструалното и репродуктивното здравје и учат каде можат да побараат стручна и доверлива помош. На тој начин се намалува зависноста од непроверени совети на социјалните мрежи, порнографски содржини и други извори што можат да шират штетни митови и дезинформации.

Сеопфатното сексуално образование не ја заменува улогата на родителите. Најдобри резултати, според УНЕСКО, се постигнуваат кога училишните програми се надополнуваат со отворена комуникација во семејството, обучени наставници и достапни здравствени услуги за младите.

ХЕРА нагласува дека ССО не претставува закана за децата, туку системски одговор на заканите со кои тие веќе се соочуваат – сексуално и врсничко насилство, уцени, споделување интимни фотографии без согласност, токсични врски, непланирани бремености, ХИВ и дезинформации на интернет.

Организацијата потсетува дека меѓународното истражување „Disrupting Harm“, спроведено од УНИЦЕФ, Интерпол и ECPAT International, препорачува во училишните програми да биде вклучено образование приспособено на возраста, преку кое децата ќе учат за односите, согласноста и личните граници.

Оттаму го поставуваат прашањето зошто се повлекува токму образовната алатка што треба да им помогне на децата да се заштитат во време кога доказите покажуваат дека тие се изложени на насилство, злоупотреба, уцени и дезинформации.

Повлекувањето на предметот, предупредуваат од ХЕРА, нема да ги отстрани социјалните мрежи, насилството, сексуалната злоупотреба, раните бремености или ХИВ. Тоа единствено може да го ограничи пристапот на младите до проверени информации и да ги направи поранливи.

Од организацијата очекуваат науката и доказите да бидат основа за секоја идна одлука за програмата, нагласувајќи дека образовната политика не треба да се води од страв, притисоци и дезинформации.

„На децата не им треба помалку образование, туку повеќе знаење, повеќе превенција и повеќе заштита“, порачуваат од ХЕРА.

е-Трн да боцка во твојот инбокс