Гугл призна: Нема пребарување без вештачка интелигенција – училиштата што ќе ја забранат ќе останат и без пребарувачот

Компанијата воведува нови правила за користење на алатките со вештачка интелигенција во училиштата, но со нив доаѓа и сериозен проблем: ако училиштата ги блокираат функциите на Гугл со ВИ, учениците ќе го изгубат пристапот и до пребарувачот. Одлуката предизвика реакции и обвинувања дека технолошкиот гигант ја користи својата доминантна позиција за да ја наметне вештачката интелигенција во образованието.

Гугл практично призна дека неговиот пребарувач веќе не може да се користи без вештачка интелигенција.

Компанијата, која доминира на пазарот на интернет-пребарување, неодамна претстави низа нови производи со вештачка интелигенција наменети за училниците и училиштата, како и дополнителни можности наставниците и образовните институции да ја ограничат или целосно да ја забранат употребата на овие алатки. Од Гугл порачаа дека училиштата треба да имаат контрола врз тоа дали учениците ќе користат вештачка интелигенција во наставата.

Но, тука се појавува проблемот: ако училиштето или наставникот ја блокираат употребата на ВИ-функциите на Гугл, учениците нема да можат да го користат ниту пребарувачот.

„По разговорите со училиштата, наставниците, водечките истражувачи и креаторите на политики, го ажурираме нашиот пристап кон контролите за Џемини, Џемини Ноутбук, Џемини во Класрум и Гугл пребарување“, напишаа раководителите на компанијата во објава на блогот.

„Пристапот до овие производи ќе биде целосно исклучен за сметките на учениците во основните и средните училишта сè додека училишните администратори изречно не го овозможат“, се наведува во објавата.

Во изјава за „Њујорк тајмс“, Крис Филипс, потпретседател на Гугл за образование, објаснил дека пребарувањето не постои без вештачка интелигенција.

„Пребарувањето и вештачката интелигенција се длабоко интегрирани“, изјавил Филипс.

Општата забрана за ВИ во едно училиште би значела дека учениците „нема да имаат пристап до пребарувањето и ќе ја видат пораката од училиштето дека тоа не е достапно“, објаснил тој за „Њујорк тајмс“.

И „Гардијан“ побарал коментар од Гугл, но до објавувањето на текстот не добил одговор.

Обвинувања дека Гугл ја користи својата доминантна позиција

За дел од набљудувачите, овој потег изгледа како казна за училиштата што не сакаат да ги воведат алатките на Гугл со вештачка интелигенција.

Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, кој неодамна воведе едногодишен мораториум на алатките за генеративна вештачка интелигенција во градските училишта до осмо одделение, изјави дека Гугл ја злоупотребува речиси целосната контрола врз интернет-пребарувањето.

„Гугл се обидува да ја искористи својата монополска моќ за да ја наметне вештачката интелигенција во нашите јавни училишта“, напиша Мамдани на социјалната мрежа Икс.

„Ниту една корпорација не треба да има моќ да одредува како ги образуваме нашите деца. Нашите јавни училишта постојат за да им служат на учениците, а не за да ги зголемуваат профитните маржи на големите технолошки компании“, додаде тој.

Неговата оценка ја поддржа и Лина Кан, поранешна претседателка на американската Федерална комисија за трговија, која на Икс напиша дека Гугл го користи својот монопол во областа на пребарувањето за да ги „присили училиштата да ја прифатат вештачката интелигенција“.

Сеприсутноста на Гугл пребарувањето одамна го прави клучна алатка за учениците, па губењето на пристапот би можело да биде доволна причина училиштата да ги прифатат новите ВИ-функции.

Гугл со години одржува силна позиција во американските училници, нудејќи евтини или бесплатни производи. Од Џимејл и Гугл Документс до Гугл Класрум и компјутерите Хромбук, софтверските и хардверските решенија на компанијата се меѓу најзастапените во училиштата.

Новата функција треба да ги учи учениците да размислуваат

Една од новите функции што Гугл ги претстави е „Водено учење“ (Guided Learning), алатка со вештачка интелигенција која, според компанијата, ги води учениците низ процесот на решавање проблеми, наместо веднаш да им го даде готовиот одговор. Планирано е оваа функција директно да се интегрира во Гугл пребарувањето.

„На пример, ако ученикот внесе сложена задача по физика во пребарувачот или побара помош при пишување реферат за некоја книга, ќе добие насоки што ќе му помогнат критички да размислува и самостојно да ги разработи концептите, без веднаш да го добие одговорот“, се наведува во објавата на компанијата.

Лајла Бајок, основачка на организацијата „Училишта надвор од екраните“ (Schools Beyond Screens), соопштението на Гугл го оцени како „непријателски ултиматум“.

„За ваков вид заплашување нема место во нашите училишта“, изјави Бајок.

Таа смета дека одлуките за тоа кои производи ќе ги користат учениците треба да се носат врз основа на нивната образовна вредност, а не на вредноста што ја носат за акционерите.


„Регулаторите мора да интервенираат за да ги спречат големите технолошки компании да ги искористуваат учениците заради профит“, порача Бајок.

е-Трн да боцка во твојот инбокс