Швајцарско село им нуди до 70.000 франци на семејствата за да ги задржи жителите: Но, има строги услови

Општината Албинен во швајцарскиот кантон Вале нуди финансиска поддршка за купување, изградба или реновирање дом за постојано живеење. Семејство со две деца може да добие вкупно 70.000 швајцарски франци, но корисниците мора да исполнат повеќе услови и да останат во општината најмалку десет години.

Швајцарската општина Албинен нуди финансиска поддршка за да привлече и задржи жители. Програмата предвидува помош за поединци, парови и семејства со деца, а за семејство со две деца вкупниот износ може да достигне 70.000 швајцарски франци, односно околу 76.000 евра.

Сепак, не станува збор за пари што може да ги добие секој што ќе одлучи да се пресели во Швајцарија. Програмата има јасно утврдени услови поврзани со возраста, статусот на престој, вложувањето во недвижност и обврската за долгорочно живеење во општината.

Потребна е инвестиција од најмалку 200.000 франци

Според правилникот на општината, финансиската поддршка изнесува 25.000 франци за поединец, 50.000 франци за пар и дополнителни 10.000 франци за секое дете. Така, семејство со две деца може да добие вкупно 70.000 франци.

Еден од условите е возрасните што поднесуваат барање да немаат повеќе од 45 години. Дополнително, потребно е да инвестираат најмалку 200.000 франци во купување, изградба или реновирање соодветна недвижност наменета за постојано живеење. Викендичките не се опфатени со програмата.

Задолжителен престој од десет години – во спротивно, враќање на парите

Странските државјани во моментот на исплатата мора да поседуваат дозвола за постојан престој во Швајцарија, односно дозвола Ц. Барањето за финансиска поддршка треба да се поднесе пред почетокот на градежните работи или пред соодветното регистрирање на купувањето на недвижноста.

Парите се исплаќаат по завршната пресметка и одобрувањето на градежните работи, односно по уписот на купувањето, под услов корисниците да имаат пријавено живеалиште во Албинен. Средствата се уплаќаат на хипотекарната сметка на кредиторот.

Еден од најважните услови е корисниците да останат да живеат во општината најмалку десет години од денот на исплатата. Доколку во тој период ја продадат недвижноста или се отселат, ќе мора да ги вратат добиените пари, вклучувајќи ги и дополнителните средства за децата.


За сите што размислуваат да аплицираат, важно е да ги проверат актуелните услови директно кај општината. Финансиската поддршка сама по себе не дава право на преселување во Швајцарија, ниту автоматски обезбедува дозвола за престој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс