Времето веќе предизвика штети во регионот, а викендов дожд и ветер до 60 км/ч. доаѓаат и кај нас

Во Србија невремето направи хаос а гром запали куќа, додека УХМР најавува дожд, грмежи, силен ветер и пад на температурите во Македонија

Нестабилното време веќе предизвика штети во регионот, а според најавите на УХМР, дожд, грмежи и силен ветер се очекуваат и во Македонија.

Во местото Владимирци во Србија, по удар на гром, вчера избувнал пожар во семејна куќа. Според првичните информации, во инцидентот нема повредени лица.

На терен веднаш биле испратени противпожарни и спасувачки екипи, кои со брза интервенција го ставиле пожарот под контрола и спречиле негово понатамошно ширење.

Невремето го зафати регионот со локални врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер, а слична временска слика денеска се најавува и за Македонија.

Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека времето ќе биде променливо облачно и посвежо, со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат проследени со грмежи.

На одделни места се очекува нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер, а можна е и ретка појава на град.

Ќе дува засилен северен ветер, кој долж Повардарието повремено ќе биде силен и ќе достигнува брзина над 60 километри на час.

Температурите значително ќе опаднат. Минималните ќе се движат од 10 до 17 степени, додека максималните ќе бидат во интервал од 20 до 27 степени Целзиусови.

Во Скопје ќе биде променливо облачно и посвежо, со повремени врнежи од дожд во претпладневните часови. Ќе дува засилен северен ветер, кој во делови од котлината повремено ќе биде посилен.

Минималната температура во главниот град ќе изнесува околу 15 степени, а максималната ќе достигне до 24 степени.

Според прогнозата на УХМР, за време на викендот ќе преовладува посвежо време, особено во утринските часови, а од понеделник се очекува постепен пораст на температурите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс