Грција и натаму се бори со голем број шумски пожари, а штетите секојдневно растат. Според грчките власти и експертите, во изминатата недела огнот уништил повеќе од 12.000 хектари шуми и обработливо земјиште, додека во текот на ноќта избувнал и нов пожар на јонскиот остров Кефалонија.
Најтешка останува ситуацијата во областа околу Порто Гермено, популарно крајбрежно место на околу 70 километри северозападно од Атина. Првичните проценки покажуваа дека таму изгореле околу 6.500 хектари, но метеорологот и експерт за шумски пожари Теодор Јанарос предупредува дека вистинската бројка најверојатно надминува 10.000 хектари.
„За жал, многу е веројатно овој пожар да биде класифициран како мегапожар“, напиша Јанарос на Фејсбук.
Поради ширењето на огнот, Порто Гермено и неколку околни села беа евакуирани, а локалните власти соопштија дека десетици куќи се оштетени или целосно уништени. Дополнителни 6.000 хектари изгореа претходно оваа недела во пожарите на островите Крит и Парос.
Грчката противпожарна служба секојдневно интервенира на десетици нови пожари. Министерот за цивилна заштита Евангелос Турнас изјави дека пожарникарите работат на границата на своите можности.
„Службата е истегната до своите граници“, порача Турнас, додавајќи дека силните ветрови значително го отежнале гаснењето, бидејќи противпожарните авиони и хеликоптери често не можеле ниту да полнат вода ниту безбедно да летаат поради силните турбуленции.
Во текот на оваа недела во борбата со огнената стихија загинаа тројца пожарникари – двајца на Крит и еден на Пелопонез. Во неделата, областа на Атина, соседна Беотија и островот Евија остануваат под речиси највисок степен на опасност од нови пожари. Во гаснењето на пожарот кај Порто Гермено се ангажирани околу 500 пожарникари, додека уште околу 100 пожарникари се борат со голем пожар во областа Егијалија на северот од Пелопонез.