Грчките власти целосно ја затворија светски познатата плажа Навајо на островот Закинтос за целата летна туристичка сезона во 2026 година.
Станува збор за култната увала со насуканиот брод „Панајотис“, една од најфотографираните плажи во Грција и едно од најпознатите места на Јонското Море.
Според заедничката министерска одлука објавена во Службениот весник на Грција, рестриктивните мерки ќе важат до 31 октомври. Причината е опасност од масивни одрони и ризик за безбедноста на туристите.
Пристапот до песочниот брег е целосно забранет. Забрането е и капење во морското подрачје на увалата, а сите видови пловни објекти, вклучувајќи туристички бродови и приватни јахти, не смеат да се приближуваат на помалку од 50 метри од брегот.
Туристите ова лето ќе можат да ја видат плажата само од видиковецот над увалата. На локацијата се поставени заштитни огради, со цел да се спречат нови несреќи.
Локалната општина Закинтос е задолжена за спроведување на контролите, додека грчката полиција има овластување да изрекува казни за прекршување на забраната.
Исклучок е предвиден само за итни и спасувачки операции во близина на насуканиот брод. Грчките власти оставаат можност во иднина да се одредат безбедни поморски зони за ограничен пристап, но само по нова проценка и со дозвола од надлежната Лучка управа.
Одлуката доаѓа по низа инциденти на Навајо, меѓу кои и неодамнешното спасување на американски турист кој паднал од високите карпи во близина на плажата.
Навајо со години е една од најпосетуваните туристички атракции во Грција. Но, поради стрмните карпи и честите одрони, властите повеќепати воведуваа ограничувања за пристап.
Ова лето, забраната е целосна. За туристите што планираа капење или тура со брод до познатата увала, Навајо ќе остане само поглед од високо.