Граѓанската организација Стела објави дека според истражувачка сторија на CNN во која открија глобална „онлајн академија за силување“, онлајн заедницата имала 62 милиони прегледи само за еден месец каде мажи се поттикнувале да ги дрогираат и силуваат своите жени и партнерки и си давале совети како да не бидат фатени.
Преку серија онлајн објави Стела ги разобличува сите облици на дехуманизирање и напади на жените кои се случуваат онлајн, но и офлајн.
„Во повеќе наврати сме предупредувале за опасностите од мажосферата и нејзината поврзаност со родово-базираното насилство. Сме зборувале и за штетноста на повиците за бојкот на феминизмот, што директно влијае на угнетување и бришење на тешко стекнатите права на жените низ историјата.
Овој пат, низ серија постови ќе ги разобличиме сите облици на дехуманизирање и напади на жените онлајн и офлајн што водат до одземање на нивното право на живот, безбедност, избор и слобода со тоа што ќе се осврнеме на „трендовите“ на социјалните медиуми и платформите, растењето на онлајн и офлајн насилството и „онлајн заедниците за силување“, како и регресот во женските права и слободи низ целиот свет поттикнато од анти-родовите движења.
Феминистките низ целиот свет со години зборуваа за опасностите од мажосферата, но беше потребно маж да направи документарец на Нетфликс директно со инфлуенсерите од мажосферата за да се „дознае“ дека ова е проблем и постои одамна.
Сепак и со документарецот не се допре до суштината и до тоа колку е всушност штетна мажосферата за жените и маргинализираните групи, но и за мажите“се наведува во објавата на Стела.