Жители на Капиштец ќе протестираат против бучавата

Иницијативата „За пристоен Капиштец“ ги повика граѓаните на мирен протест кој ќе се одржи утре, (11.06) со почеток во 19.00 часот

Жители на населбата Капиштец најавија протест против како што велат, долгогодишниот проблем со прекумерната бучава, нарушувањето на јавниот ред и недоволната реакција на надлежните институции.

Иницијативата „За пристоен Капиштец“ ги повика граѓаните на мирен протест кој ќе се одржи утре, (11.06) со почеток во 19.00 часот кај кошаркарското игралиште во паркот Капиштец.

Од иницијативата посочуваат дека жителите со години се изложени на прекумерна бучава од околните угостителски објекти, безброј непроспиени ноќи поради гласна музика, како и на несовесно однесување на алкохолизирани групи кои, според нив, ја оштетуваат урбаната опрема и инвентарот во паркот.

„Додека како граѓани пријавуваме, собираме докази и бараме решение, институциите кои имаат законска обврска да го заштитат јавниот ред и мир со години дозволуваат проблемот да продолжи“, наведуваат организаторите.

Со протестот тие бараат доследно почитување на законите, ефикасни инспекциски контроли, заштита на јавниот ред и мир и создавање мирна и безбедна средина за жителите и нивните деца.

е-Трн да боцка во твојот инбокс