Градоначалникот на Њујорк: Немаме овластување да го уапсиме Нетанјаху

Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, изјави дека градот нема законски овластувања да го уапси Бенјамин Нетанјаху и ја повика федералната влада да го спроведе налогот на МКС.

Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, изјави дека градските власти немаат законско овластување да го уапсат израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, доколку подоцна годинава ја посети САД, но ја повика федералната влада да го спроведе налогот за апсење издаден од Меѓународниот кривичен суд (МКС).

„Бенјамин Нетанјаху е воен злосторник и архитект на ужасниот геноцид врз палестинскиот народ“, рече Мамдани во видео објавено на социјалните мрежи.

Тој посочи дека неговата администрација ги разгледала сите правни можности за евентуално спроведување на налогот на МКС, но утврдила дека градот Њујорк нема самостојна законска надлежност за такво постапување.

„Федералната влада, сепак, има такви овластувања и ја повикувам да му се приклучи на Меѓународниот кривичен суд и да го спроведе овој налог“, изјави Мамдани, додавајќи дека Нетанјаху „не е добредојден во Њујорк, како ниту еден друг воен злосторник кој е на слобода“.

Посета на Генералното собрание на ОН

Според најавите, израелскиот премиер во септември треба да допатува во Њујорк за да учествува на Генералното собрание на Обединетите нации. Мамдани уште минатата недела соопшти дека проверува дали постои можност за негово апсење за време на посетата, што беше едно од неговите ветувања во изборната кампања.

Меѓународниот кривичен суд во 2024 година издаде налог за апсење на Нетанјаху поради наводни воени злосторства. Сепак, САД не ја признаваат надлежноста на МКС и не се членка на Судот.

Реакции од Трамп и Нетанјаху

Изјавите на Мамдани предизвикаа реакција од американскиот претседател Доналд Трамп, кој порача дека Нетанјаху „нема да биде уапсен на американско тло“.

Нетанјаху, пак, изјави дека „не е загрижен“ поради коментарите на градоначалникот на Њујорк.

е-Трн да боцка во твојот инбокс