Прилепската граѓанска иницијатива „Мој Прилеп” е активна само неколку дена, а веќе исчистија детска градинка и интернат

Граѓани кои се заситија од кафе-муабет за дупки и расфрлано ѓубре станаа, земаа метли и бои, и почнаа да средуваат низ градот.

Неколку прилепчани одлучија дека е доста од коментари по социјални мрежи. Под мотото „Мој Прилеп“, за само неколку дена собраа над 1.000 следбеници, го средија дворот на градинката „Гоце Делчев“ и го расчистија интернатот „Орде Чопела“, во соработка со ЈКП „Комуналец“.

Од жалби на Фејсбук до работна акција

Иницијативата „Мој Прилеп“ не стартуваше со собир, петиција или политичка структура. Стартуваше со едноставна порака: доста со жалење на кафе, време е за дела.

За само неколку дена, страницата собра повеќе од 1.000 следбеници, а организаторите веднаш преминаа на терен.

Градинка „Гоце Делчев“: прва акција, прва лизгалка

Во соработка со ЈОУДГ „Наша Иднина“, иницијативата ја среди старата, дотраена лизгалка во дворот на градинката „Гоце Делчев“.

Материјалите и работната рака ги обезбедија Душко Мургоски и Илчо Ристески.

Резултатот: безбедна и функционална лизгалка, подготвена за употреба.

Интернат „Орде Чопела“: од џунгла до средено двориште

Втората акција беше во дворот на интернатот „Орде Чопела“.

По иницијатива на Илија Ангелески, група волонтери ги расчисти капините и нагомиланото ѓубре.

ЈКП „Комуналец“ потоа излезе со механизација и го собра целиот подготвен отпад.

Дворот, според организаторите, „доби комплетно нов лик“.

Апликација и следни чекори

Иницијативата најавува и развој на апликација за граѓани: пријавување на комунални проблеми, следење на јавен превоз во реално време и поднесување граѓански иницијативи.

Конкретни проекти, велат, ќе бидат објавени наскоро.

е-Трн да боцка во твојот инбокс