Грчките власти распоредија засилени противпожарни сили за гаснење на големиот шумски пожар што денеска избувна во близина на Инои, во општината Мандра-Идилија, во западниот дел на Атика. Во меѓувреме, до жителите е упатен апел да останат во состојба на готовност.
Пожарот избувнал нешто пред 15:30 часот во земјоделско-шумската област Сфака, а поради силниот ветер брзо се проширил кон борова шума во непосредна близина на станбени објекти, соопшти грчката Противпожарна служба, пренесува „Катимерини“.
Во гаснењето на пожарот учествуваат 140 пожарникари, шест пешадиски противпожарни тимови, доброволци и 34 противпожарни возила. Од воздух интервенираат осум противпожарни авиони и четири хеликоптери, од кои еден се користи за координација на операцијата.
Поддршка на пожарникарите им обезбедуваат цистерни и градежна механизација на регионот Атика, а на терен е испратен и специјализиран тим на Противпожарната служба опремен со дронови за следење на ширењето на огнот. Системот за итни известувања 112 во 16:22 часот испрати предупредување до жителите да останат во состојба на готовност и строго да ги следат инструкциите на надлежните служби.
Поради пожарот, привремено е прекинат сообраќајот на повеќе делници од стариот пат Атина–Теба, вклучително и правците кон Елефсина, Вилија и Теба. Оперативниот центар на Цивилната заштита во текот на целата акција ја следи состојбата со помош на снимки од дронови опремени со оптички и термовизиски камери.
На местото на пожарот е испратен и истражен тим за спречување подметнување пожари во западна Атика, кој треба да ги утврди причините за избувнувањето на огнената стихија.