Голем пожар во Франција: Евакуирани речиси 12.000 луѓе, огнот зафати 2.000 хектари

Голем шумски пожар во францускиот департман Жиронда се прошири на 2.000 хектари. Речиси 12.000 луѓе се евакуирани, меѓу кои туристи од кампови кај Кап Ферет.

Шумски пожар што вчера избувна во близина на басенот Аркашон, во францускиот департман Жиронда, се прошири на околу 2.000 хектари, а речиси 12.000 луѓе се евакуирани како превентивна мерка, соопшти локалната префектура. Властите утрово наредија евакуација на дополнителни околу 7.000 жители и туристи. Мерката опфаќа шест кампови и станбена зона северно од Кап Ферет, една од најпопуларните туристички дестинации во регионот за време на летната сезона.

Префектурата претходно информираше дека најмалку 4.600 лица веќе биле евакуирани од домовите и сместувачките капацитети во загрозеното подрачје.

Пожарникарските екипи продолжуваат со борбата против огнената стихија, додека властите стравуваат од дополнително ширење на пожарот поради високите температури, сувата вегетација и неповолните временски услови.


е-Трн да боцка во твојот инбокс