Глобалниот интернет сообраќај бележи силен раст во последните години, при што во периодот од 2020 до 2025 година е повеќе од двојно зголемен, покажуваат податоците на Меѓународната телекомуникациска унија (ITU). Растот е поттикнат од експанзијата на дигиталните услуги, стриминг платформите и cloud computing решенијата.
Фиксните мрежи и понатаму остануваат доминантен извор на интернет сообраќај, со пораст од околу 3.100 ексабајти во 2020 година на 7.300 ексабајти во 2025 година. Во исто време, значително се зголемува и користењето на мобилни податоци, од околу 560 на 1.500 ексабајти.
Најголем дел од сообраќајот, меѓу 50 и 60 проценти, се генерира во азиско-пацифичкиот регион, каде што употребата на интернет е најинтензивна. Следуваат Америка и Европа, додека Африка и арапските земји бележат најбрз релативен раст поради зголемената поврзаност и користење на паметни телефони. Податоците укажуваат на континуиран раст на дигиталната потрошувачка и зголемени барања за инфраструктура. Еден ексабајт претставува милијарда гигабајти податоци, што ја нагласува огромната скала на глобалниот интернет сообраќај.