„Гласник на невидливите“: награди за новинари што известуваат за сиромаштијата и невидливите приказни

Годинашното издание има меѓународен карактер и ќе вклучи панел-дискусија за улогата на медиумите во рушењето на тишината околу сиромаштијата.

Македонската платформа против сиромаштија на 16 јуни ќе го одржи деветтото доделување на наградите „Гласник на невидливите“, посветени на новинари кои известуваат за сиромаштијата, социјалната исклученост и приказните на луѓето кои најчесто остануваат надвор од јавниот фокус.

Настанот ќе се одржи во Cowork21, на улица Македонија бр. 8 во Скопје, со почеток во 18:00 часот.

Годинашното издание има силен меѓународен карактер. Од 15 до 17 јуни, Македонската платформа против сиромаштија е домаќин на претставници од осум национални мрежи против сиромаштија, како и на комуникацискиот тим на Европската мрежа против сиромаштија.

Во рамки на доделувањето на наградите ќе се одржи и отворена панел-дискусија на тема „Медиумите и сиромаштијата – гласно против тишината“. Дискусијата ќе отвори простор за разговор за улогата на новинарството во видливоста на сиромаштијата, начинот на кој медиумите известуваат за социјалните неправди и потребата гласот на најранливите граѓани да биде присутен во јавноста.

Организаторите најавуваат дека настанот ќе биде можност за вмрежување и размена на искуства со новинари, комуникациски експерти и луѓе со лично искуство со сиромаштија од повеќе европски земји.

Активностите се реализираат во рамки на меѓународниот проект „Journalism-prize goes international“, кој се спроведува во конзорциум предводен од Австриската мрежа против сиромаштија, а е финансиран од ЕРСТЕ Фондацијата.

Наградите „Гласник на невидливите“ имаат за цел да го препознаат и поттикнат новинарството кое не ги остава на маргините луѓето погодени од сиромаштија, туку ги отвора нивните приказни како важен дел од јавниот интерес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс