„Гласник на невидливите“ по деветти пат ќе ги награди новинарите што пишуваат за сиромаштија

Деветтото доделување на наградите „Гласник на невидливите“ ќе се одржи на 16 јуни во Cowork21 во Скопје, а годинава настанот добива и меѓународен предзнак со учество на претставници од осум европски мрежи против сиромаштија.

Македонската платформа против сиромаштија на 16 јуни, со почеток во 18:00 часот, ќе го одржи деветтото доделување на наградите „Гласник на невидливите“, признание посветено на новинари и медиумски работници кои известуваат за сиромаштијата, социјалната исклученост и луѓето чии приказни често остануваат надвор од јавниот фокус.

Настанот ќе се одржи во Cowork21, на улица „Македонија“ број 8 во Скопје, во просторот на поранешното кино Вардар, а годинава ќе биде дел од поширока меѓународна програма што ја организира МППС.

Од 15 до 17 јуни, Македонската платформа против сиромаштија ќе биде домаќин на претставници од осум национални мрежи против сиромаштија, како и на комуникацискиот тим на Европската мрежа против сиромаштија. Со тоа, наградите оваа година се отвораат и како простор за европска размена на искуства за тоа како медиумите известуваат за сиромаштијата и социјалната неправда.

Медиумите и сиромаштијата: гласно против тишината

Во рамки на доделувањето ќе се одржи и отворена панел-дискусија на тема „Медиумите и сиромаштијата – Гласно против тишината“. Панелот ќе отвори простор за разговор за улогата на медиумите во видливоста на сиромаштијата, за јазикот што се користи при известување за ранливите групи и за одговорноста на новинарството да не ги сведува луѓето само на статистика.

Настанот е замислен и како можност за вмрежување меѓу домашни новинари, европски експерти за комуникација, претставници на мрежи против сиромаштија и луѓе со лично искуство на сиромаштија. Токму тие искуства се важен дел од пристапот на „Гласник на невидливите“, затоа што наградата не се однесува само на новинарскиот производ, туку и на достоинството со кое се пренесуваат приказните на луѓето.

Новинарство што ги прави видливи невидливите

Наградата „Гласник на невидливите“ низ годините се профилираше како признание за новинарски стории што отвораат прашања за сиромаштијата, нееднаквоста и социјалната исклученост. Таа ги препознава новинарите кои не известуваат само за последиците, туку ги бараат причините, институционалните пропусти и можните решенија.

МППС преку оваа иницијатива го истакнува значењето на медиумите како сојузници во борбата против социјалната тишина. Во време кога сиромаштијата често се третира како личен неуспех, а не како општествен и системски проблем, новинарството има важна задача да го врати човечкиот глас во јавната дебата.

Активностите се реализираат во рамки на меѓународниот проект „Journalism-prize goes international“, кој МППС го спроведува во конзорциум предводен од Австриската мрежа против сиромаштија, со финансиска поддршка од ЕРСТЕ Фондацијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс