Гимназијата „Никола Карев“ се прости од своите поранешни ученици кои загинаа во тешката сообраќајна несреќа на скопската обиколница. Станува збор за тројца 20-годишни матуранти од генерацијата 2020–2024, за кои училиштето вели дека биле познати по својата насмевка, дружељубивост и шарм. Во соопштението, од гимназијата порачаа дека „срцето на Карев денес плаче“ и изразија длабоко сочувство до семејствата на загинатите.
Во несреќата животот го загуби и таткото на едно од момчињата, познатиот баритон Ристе Велков.
Според првичните информации, несреќата се случила кога во возилото во кое се превезувале удрил камион управуван од косовски државјанин, кој изгубил контрола, ја пробил заштитната ограда и преминал на спротивната коловозна лента. Надлежното обвинителство побара притвор за возачот на камионот, додека истрагата за причините за несреќата е во тек.