Германските безбедносни служби открија поврзаност меѓу обидот за саботажа со беспилотно летало на аеродромот Лајпциг/Хале од почетокот на август и претходни инциденти во Полска и Србија. Анализата на материјалните траги покажува дека станува збор за прекугранична логистика водена од руски структури. Леталото опремено со воен експлозив било насочено кон паркирани украински транспортни авиони од типот Антонов. Германските истражители открија српска и полска трага што води до лица веќе познати на странските разузнавачки служби.
Инцидентот на аеродромот Лајпциг/Хале се случил на 4 август. Дрон натоварен со експлозивна направа паднал директно во близина на украинските товарни авиони Антонов. Катастрофата била избегната исклучиво поради дефект на механизмот за палење.
Полицијата го обезбеди леталото и употреби специјален робот за деактивирање на полнењето. Во истрагата беа пронајдени десетици грама високоразорен воен експлозив хексоген, познат како RDX. Тој бил сместен во метална конзерва прикачена на конструкцијата на леталото. Целта била целосно уништување на карго флотата што Украина ја користи за стратешки превоз.
Директната врска со Балканот се појави преку материјалните докази од претходно апсење во регионот. Српските безбедносни сили на 11 јуни приведоа двајца мажи на границата кон Унгарија. При претресот кај нив биле пронајдени делови од модифициран дрон, специјални радиопредаватели за далечинско управување и две конзерви полни со експлозив.
Уапсените лица се српски државјанин и маж со двојно српско-руско државјанство, кои се наоѓаат во притвор. Конструкцијата на направата одземена на српската граница е технички идентична со онаа од Лајпциг. Германските власти сега ги истражуваат нивните лични и оперативни врски со осомничените кои дејствувале на германска територија.
Истрагата паралелно води и кон Полска. Според информациите на германскиот магазин Шпигел, еден од идентификуваните соучесници во Лајпциг бил директно инволвиран во подметнувањето пожар во трговски центар во Лоѓ во јули 2024 година. Тоа лице одржувало контакти со руските тајни служби.
Европските безбедносни агенции располагаат со податоци за најмалку четири активни диверзантски мрежи управувани директно од Москва. Овие групи регрутираат локални соработници и лица со двојни пасоши за изведување напади врз критична транспортна и логистичка инфраструктура во Европската Унија.