Десетици илјади работници од германската автомобилска индустрија денеска излегуваат на улиците низ целата земја, во знак на протест против затворањето фабрики, намалувањето на производството и масовните отпуштања. На протестите учествуваат вработени во Фолксваген, Мерцедес-Бенц, БМВ, Ауди, Порше и во бројни компании кои произведуваат делови и опрема за автомобилската индустрија.
Синдикатот ИГ Метал најави повеќе од 280 протестни акции пред фабриките и производствените погони низ Германија. Под слоганот „Иднината наместо кратења – солидарноста е нашиот најсилен бренд“, синдикатот бара зачувување на работните места и производството во Германија, поголеми инвестиции во домашните фабрики и развој на нови модели.
„Нема мирно да гледаме како една од клучните индустрии постепено се гаси“, порача регионалниот раководител на ИГ Метал, Торстен Грегер, пред протестите.
Работниците не сакаат да ја платат сметката
Од синдикатот велат дека работниците не се виновни за грешките направени во изминатите години и дека не смеат тие да ја платат цената за нив. Но ИГ Метал дел од одговорноста ја гледа и во раководствата на автомобилските компании. Според синдикатот, производителите предоцна понудиле ценовно достапни модели, доцнеле со развојот на батериите и дигитализацијата и вложувале премалку во иднината на производствените локации во Германија.
Од германската влада, предводена од канцеларот Фридрих Мерц, синдикатот бара, меѓу другото, пониски цени на електричната енергија, подобра заштита од евтиниот увоз и поддршка за добавувачите во процесот на преструктурирање.
Фолксваген штотуку ја намали прогнозата за профитот
Протестите доаѓаат во особено чувствителен момент за германската автомобилска индустрија. Најголемиот европски производител на автомобили, Фолксваген, минатата недела драстично ја намали прогнозата за оперативната профитабилност за годинава. Претходно компанијата очекуваше оперативна маржа од четири до 5,5 отсто. Сега очекува најмногу еден отсто.
Како причини ги наведува влошената пазарна ситуација, особено во Кина, трошоците за преструктурирање и отпишување од околу шест милијарди евра поврзано со Порше. „Промените на пазарот се длабоки и трајни. Немаме време за губење“, предупреди финансискиот директор на Фолксваген, Арно Антлиц.
Кризата ја притиска целата индустрија
Германската автомобилска индустрија се соочува со повеќе проблеми истовремено. Продажбата на некогаш исклучително профитабилниот кинески пазар се намалува, кинеските производители со пониски цени го зголемуваат својот удел во Европа, преминот кон електрични автомобили бара милијарди евра инвестиции, а работењето во САД е дополнително отежнато поради царините.
Последиците веќе се гледаат на пазарот на трудот. Според податоците на Германското здружение на автомобилската индустрија (ВДА), секторот од 2019 година изгубил околу 100.000 работни места. Само добавувачите во периодот од 2019 до 2025 година укинале околу 74.000 работни места. А најавите за дополнителни кратења продолжуваат.
Нови отпуштања на повидок
Фолксваген подготвува мерки кои би можеле да влијаат врз околу 100.000 работни места ширум светот. БМВ укинува околу 8.000 позиции, додека Мерцедес-Бенц го намалува производството во Германија и ја засилува поевтината производствена база во Унгарија.
Така, германската автомобилска индустрија се наоѓа во необична ситуација: компаниите истовремено мора да вложуваат огромни средства во електрични возила и нови технологии, а паралелно ги намалуваат трошоците, производството и бројот на работни места.
За синдикатите, прашањето веќе не е само колку автомобили ќе произведува Германија, туку колку од индустриските работни места ќе останат во земјата. Денешните повеќе од 280 протестни акции се најновиот знак дека преструктурирањето на германската автомобилска индустрија веќе не е само прашање на корпоративни стратегии и финансиски извештаи – туку и на десетици илјади работници чии работни места се директно погодени.