Германија, иако не е директно вклучена во војната со Иран, веќе ги чувствува економските последици од конфликтот, изјави германскиот министер за финансии Ларс Клингајл. Говорејќи во Вашингтон, САД, на маргините на пролетните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Клингајл истакна дека конфликтот веќе има негативно влијание врз германската економија, пренесува новинската агенција Ројтерс.
„Она што веќе го гледаме е дека оваа војна ни штети и во Германија кога станува збор за економскиот раст“, нагласи Клингајл. Тој додаде дека официјалните владини прогнози сè уште се во подготовка и ќе бидат објавени следната недела.
Во меѓувреме, Меѓународниот монетарен фонд ги намали прогнозите за економски раст на Германија за оваа и следната година. Според новите проценки, се очекува раст од 0,8 проценти во 2026 година и 1,2 проценти во 2027 година, што претставува намалување од 0,3 процентни поени во однос на претходните прогнози.
Овие податоци укажуваат дека геополитичките тензии на Блискиот Исток, иако далечни, имаат директно влијание врз европските економии, особено преку растот на цените на енергенсите и нарушувањето на глобалните трговски текови.