Германската економија во следната деценија ќе се соочи со сериозен недостиг на работна сила поради масовното пензионирање на генерацијата бејби-бумери, предупредува Институтот за германска економија од Келн (IW). Според најновите проценки, до 2036 година бројот на граѓани на работоспособна возраст ќе се намали за 4,3 милиони лица. Ова е значително повеќе од претходните прогнози, кои предвидуваа намалување од околу три милиони луѓе.
Експертите посочуваат дека причините не се само пензионирањето на генерациите родени меѓу 1954 и 1969 година, туку и долгорочниот пад на населението. Секоја година во Германија умираат околу 350.000 луѓе повеќе отколку што се раѓаат, а намалениот прилив на имигранти дополнително ја влошува ситуацијата.
„Германија не се соочува со демографска промена во иднина – таа веќе се случува“, предупредува Холгер Шефер од Институтот за германска економија.
До 2040 година бројот на жители во земјата би можел да падне под 82 милиони. Во меѓувреме, околу 20 милиони припадници на генерацијата бејби-бумери ќе ја достигнат старосната граница за пензионирање, што ќе создаде дополнителен притисок врз пазарот на трудот и системите за социјална заштита. Според IW, решенијата се продолжување на работниот век и поголемо привлекување квалификувани странски работници. Сепак, досегашните мерки насочени кон миграцијата не успеале значително да го зголемат бројот на квалификувани кадри кои доаѓаат во Германија.
Експертите предупредуваат дека без нова стратегија за работната сила, најголемата европска економија би можела да се соочи со сериозни предизвици во одржувањето на економскиот раст и социјалниот систем.