Европските претставници ќе учествуваат на преговорите за завршување на војната во Украина, закажани за 10 и 11 ноември во Абу Даби. Франција го потврди своето присуство на средбата организирана од САД, на која се очекуваат делегации од Русија и Украина, објави Ројтерс. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, во интервју за радиото РТЛ, најави силно европско присуство на разговорите.
„Европејците ќе бидат силно застапени. Франција ќе биде во Абу Даби и ќе учествува во овие дискусии“, изјави Баро.
Тој додаде дека засега не може да открие кој ќе ја претставува Франција, но нагласи дека учеството на земјата е сигурно.
Американскиот претставник Стив Виткоф претходно најави дека во Абу Даби ќе се сретнат делегации од Украина и Русија. Разговорите треба да се фокусираат на завршувањето на војната, повоените безбедносни гаранции и намалувањето на воените тензии. Кремљ во саботата го потврди составот на руската делегација, соопшти портпаролот Дмитриј Песков.
Меѓу руските претставници ќе бидат советникот на Кремљ Владимир Медински, заменик-министрите за надворешни работи Сергеј Рјабков и Михаил Галузин, како и шефот на руската воена разузнавачка служба Игор Костјуков.
Во делегацијата ќе учествува и високиот офицер на Генералштабот Јуриј Жигарловски, заедно со други дипломатски и воени претставници. Абу Даби веќе беше домаќин на трилатерални разговори меѓу Русија, САД и Украина на 23 и 24 јануари годинава.
