Францускиот суд осуди тројца стримери на затворски казни поради физичко и психичко малтретирање на нивниот 46-годишен колега Жан-Пјер Адам, кој минатата година почина за време на пренос во живо. Изречените казни за тројцата обвинети се движат од една до четири години затвор. Овој случај ја бранува француската јавност и ги отвори дебатите за границите на содржините што се емитуваат на дигиталните платформи.
Жан-Пјер Адам, во онлајн заедницата познат под псевдонимот „Жан Порно“, со години бил иложуван на сурово малтретирање од страна на група стримери. За време на преносите во живо, тој бил физички напаѓан, понижуван и принудуван да извршува бизарни и опасни задачи со цел да се привлечат повеќе гледачи и донации. Насилството ескалираше за време на еден од преносите во живо кога 46-годишниот стример ненадејно почина пред публиката.
Главниот обвинет во овој случај доби четиригодишна затворска казна, додека останатите двајца соучесници беа осудени на една и две години затвор. Покрај затворските казни, судот им изрече и повеќегодишна забрана за креирање содржини и користење на социјалните мрежи. Судијата во пресудата истакна дека станува збор за системско искористување на ранлива личност заради материјална корист и онлајн популарност.
Смртта на Адам и брзината со која се ширеа снимките од насилството предизвикаа остри реакции кај француските власти и организациите за заштита на човековите права. Организациите бараат платформата каде што се одвиваа преносите, како и другите социјални мрежи, да преземат поголема одговорност за алгоритмите кои промовираат екстремна содржина и за бавното отстранување на вознемирувачки видеа.