Јован Јосифовски, Сергеј Калеников и Ана Трајковска се тројцата финалисти за XX награда ДЕНЕС 2026, единствената независна награда од овој вид во земјава наменета за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка до 35 години.
Наградата, која годинава се доделува по дваесетти пат, ја организира Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ од Скопје, во соработка со Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ YVAA, резиденциската програма Residency Unlimited од Њујорк и фондацијата Trust for Mutual Understanding од Њујорк.
Отворениот повик траеше од 16 април до 31 мај 2026 година, а се пријавиле 15 кандидати. По разгледувањето на пријавите, меѓународната жири-комисија одлучи во финалето да влезат Јован Јосифовски, Сергеј Калеников и Ана Трајковска.


Награда што отвора врата кон Њујорк
ДЕНЕС се доделува на годишно ниво за исклучителна и истакната тековна уметничка практика, која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување. Наградата е препознатлива по тоа што на добитникот или добитничката му овозможува двомесечна резиденцијална програма во Residency Unlimited во Њујорк.
Покрај резиденцијалниот престој, наградата им овозможува на финалистите да имаат средби и презентации пред интернационална жири-комисија, како и да продуцираат ново дело во рамки на финалната изложба.
Годинашната жири-комисија работеше во состав: Хиба Абид, кураторка на одделот за блискоисточни и исламски студии во Њујоршката јавна библиотека и членка на комитетот за уметност и култура на њујоршкиот градоначалник Зохран Мамдани; Јелена Мијиќ, мултимедијална уметничка и културна работничка од Белград, добитничка на наградата „Димитрије Башичевиќ Мангелос“ во 2017 година; и Илија Прокопиев, визуелен уметник и културолог, добитник на наградата ДЕНЕС во 2011 година и уметнички директор на галеријата Шкуц во Љубљана.
Три различни практики, една генерациска сцена
Во образложението за изборот, жирито оценува дека Јован Јосифовски, преку мултидисциплинарна практика што опфаќа инсталација, видео и текст, отвора моќно истражување на квир животот во постјугословенска Македонија. Неговото творештво, често засновано на интимно и животно искуство, се протега и во пошироката политичка сфера, каде прашањата за моќта, идентитетот и насилството се разгледуваат со критичка строгост, иронија и чувство за апсурдот.
За Сергеј Калеников, жирито посочува дека демонстрира артикулиран и внимателно развиен уметнички јазик. Работејќи низ различни медиуми, меѓу кои сликарство, фотографија и имерзивни инсталациски контексти, тој покажува концептуална јасност и разновидност. Неговата практика се занимава со поетските искуства на времето и просторот, но и со современите општествени реалности.
Ана Трајковска, според жирито, поаѓа од графиката како медиум во кој се школувала, но преку него суптилно и прецизно навлегува во социо-политичките феномени на локалниот контекст и во улогата на уметноста во него. Нејзините дела се разиграни по форма и презентација, но истовремено критички изострени, при што критиката не ја заобиколува ниту позицијата на самата уметница.
Добитникот ќе биде објавен на 2 октомври во Сули-ан
По изборот на финалистите, следува подготовка на групна изложба со нивни дела, која ќе биде отворена на 2 октомври 2026 година во просторот на Сули-ан, на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Тогаш ќе биде соопштен и добитникот или добитничката на наградата ДЕНЕС.
Победникот ќе добие резиденцијален престој во Њујорк, во периодот јуни – јули 2027 година, а награди се предвидени и за останатите двајца финалисти.
Досегашни добитници на наградата ДЕНЕС се Крсто Глигорјадис, Марко Гутиќ Мижимаков, Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ, Бурџу Мусли, Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА, односно Опсесивна посесивна агресија, и Славица Јанешлиева.
Кои се финалистите?
Јован Јосифовски е квир уметник чија практика се движи низ инсталација, текст, видео, перформанс и други медиуми. Неговата работа се фокусира на квир животот во Македонија, поставен во постјугословенски контекст, со акцент на локалната сцена како простор на истражување, делување и видливост. Во своите дела тој ги преиспитува политичките, институционалните и религиозните структури на моќ и нивното влијание врз телото, идентитетот и секојдневното искуство.
Сергеј Јордановски, познат како Калеников, е сликар и визуелен уметник роден во 2000 година. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, со фокус на сликарството и современата уметност. Во неговата практика се препознава интерес за различни медиуми, а важен професионален чекор му е самостојната изложба во рамки на програмата CreArt во 2024 година во Скопје.
Ана Трајковска е визуелна уметница родена во 1995 година, која живее и работи во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во 2018 година, а во 2021 година магистрирала во областа на графиката. Работи во полето на современата уметност, со фокус на графика, инсталација и концептуални медиуми, истражувајќи теми како системска кревкост, родова идентификација и критика на доцниот капитализам. Добитничка е на повеќе награди, меѓу кои „Уметник на годината“ на галеријата Остен во 2025 година.