Фестивалот на француски филм се враќа со „Корзика во фокус“

Изданието носи четири филма од современата француска кинематографија, средби со режисери и актери и професионални разговори со домашната филмска сцена.

Фестивалот на француски филм „Корзика во фокус“ ќе биде отворен во среда, 17 јуни, во 19:00 часот, во киното Синеплекс. Изданието ќе трае до 20 јуни и ќе донесе четири филмски остварувања од современата француска кинематографија.

По пауза од девет години, фестивалот повторно се враќа пред македонската публика, овојпат со програма посветена на Корзика и на автори кои преку филмот отвораат теми за идентитетот, припадноста, општествените судири и личните приказни.

Гости на фестивалот ќе бидат режисерите Жилиен Колона, Тјери де Перети и Фредерик Фаручи, како и актерите Алекси Мананти и Андреа Коси. Тие ќе се сретнат со публиката по проекциите, со што фестивалот ќе биде не само филмски настан, туку и простор за разговор, размена и дијалог.

Фестивалот ќе биде отворен со филмот „Кралство“ на Жилиен Колона, кој ќе биде прикажан на 17 јуни во 19:00 часот во Синеплекс. По проекцијата е предвиден разговор со режисерот.

Следната вечер, на 18 јуни, исто така во 19:00 часот во Синеплекс, публиката ќе може да го погледне филмот „Фотографка“ на Тјери де Перети, по што ќе следи разговор со режисерот.

На 19 јуни, во 19:00 часот во Синеплекс, ќе биде прикажан филмот „Мохиканец“ на Фредерик Фаручи, со Алекси Мананти во главната улога. По проекцијата е најавена средба со режисерот и актерот.

Фестивалот ќе заврши на 20 јуни, во 20:30 часот, во Кинотека, со проекција на отворено на филмот „Грабнување“ на Ирис Калтенбек.

Покрај проекциите, во рамки на фестивалот се предвидени и професионални средби на француските синеасти со домашни филмски професионалци и со студентите од Факултетот за драмски уметности.

Ова издание се одржува во значаен контекст за француско-македонската културна соработка. На 12 јуни, во Францускиот институт во Скопје, беше потпишан Меморандум за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура и туризам на Северна Македонија и Амбасадата на Франција, со кој се отвораат нови можности за соработка во аудиовизуелниот сектор, филмот, културните и креативните индустрии, професионалната обука, уметничката мобилност и размената.

Фестивалот се организира со поддршка на аптеките Зегин, Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Факултетот за драмски уметности, Кинотеката, Амбасадата на Северна Македонија во Франција, Cineplexx, Skopje City Mall, Renault Automotive Group, винаријата Тиквеш и хотелот Мериот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс