Европските здравствени власти свикуваат итен состанок поради сомневањата за епидемија на чума во Сибир

Комитетот за здравствена безбедност на ЕУ во Брисел ќе расправа за мистериозната смрт на лабораториската работничка, додека СЗО оценува дека ризикот за Европа засега е многу низок.
Фото: Photo by Dr. Marshal Fox, USCDCP on Pixnio

Претставници на Европската комисија и земјите членки планираат да разговараат за сомнителното избувнување на белодробна чума во Сибир, Русија, додека националните власти настојуваат да добијат јасна слика за ситуацијата.

Состанокот на Комитетот за здравствена безбедност, кој ги оценува сериозните прекугранични здравствени закани, денеска одржува средбаа во Брисел. Состанокот беше веќе претходно закажан, но оваа точка е дополнително додадена на дневниот ред.

„Можам да потврдам дека инцидентот во Русија ќе биде на дневниот ред на Комитетот за здравствена безбедност“, изјави портпарол на Комисијата за „Евроњуз“ вчера.

Случајот се однесува на лабораториска работничка во Иркутскиот научно-истражувачки институт против чума, во југоисточен Сибир, која почина на 2 октомври под неразјаснети околности. Нејзината смрт беше припишана на „пневмонија со непозната етиологија“.

Руските власти тврдат дека не пронашле докази оти нејзината болест била предизвикана од некој од патогените со кои таа работела и инсистираат дека ситуацијата е под контрола.

Болницата во која се лекувала лабораториската работничка беше ставена под карантин. Околу 200 лица кои биле во контакт со неа се ставени под строг медицински надзор.

Одделно, Казахстан, Киргистан и Узбекистан воведоа мерки на претпазливост на своите граници за да спречат евентуално ширење на заразни болести.

Светската здравствена организација (СЗО) во вторникот соопшти дека ниедно од тие лица засега не покажало симптоми и дека првичните тестирања се негативни, иако забележа дека е „нејасно“ за кои точно патогени се вршени тестирањата.

СЗО напомена дека ризикот за европскиот регион е „многу низок“.

Во соопштението на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) се наведува дека сомневањето за епидемија на чума „сè уште не е потврдено“.

„Постои многу мало патување меѓу Иркутск и ЕУ, особено во моментов поради војната на Русија против Украина“, наведува агенцијата.

„Врз основа на ограничените информации што во моментов се достапни, нема извештаи за секундарни случаи или континуиран пренос од човек на човек“.

Брисел и Вашингтон внимателно го следат развојот на ситуацијата и побараа од Русија да обезбеди точни и транспарентни информации.

Белодробната чума се јавува кога чумата, заразна болест предизвикана од бактерија, ќе ги зафати белите дробови. Тоа е најтешката форма на болеста и може да се шири од човек на човек. Доколку не се лекува, стапката на смртност изнесува од 30% до 100%.

е-Трн да боцка во твојот инбокс