Европскиот парламент го критикуваше Зеленски

Одлуката на Зеленски од 26 мај повторно ги разгоре дипломатските тензии меѓу Киев и Варшава. Додека во Украина УПА се поврзува со борбата за независност против Советскиот Сојуз, во Полска организацијата се смета за одговорна за масовни убиства на десетици илјади етнички Полјаци за време на Втората светска војна

Европскиот парламент со големо мнозинство усвои амандман со кој ја критикува одлуката на украинскиот претседател Володимир Зеленски да именува елитна воена единица по Украинската востаничка армија (УПА), организација чие историско наследство и денес предизвикува силни поделби, особено во Полска.

Во амандманот, поднесен од полскиот европратеник од десниот центар Анджеј Халицки, се наведува дека Европскиот парламент „жали поради неодамнешната непотребна предизвикана ескалација“ од страна на Зеленски со преименувањето на единицата во „Херои на Украинската востаничка армија“.

Одлуката на Зеленски од 26 мај повторно ги разгоре дипломатските тензии меѓу Киев и Варшава. Додека во Украина УПА се поврзува со борбата за независност против Советскиот Сојуз, во Полска организацијата се смета за одговорна за масовни убиства на десетици илјади етнички Полјаци за време на Втората светска војна.

Амандманот беше усвоен со 592 гласа „за“ и 42 „против“. Европратениците оценија дека потегот не е во согласност со европските вредности и повикаа на намалување на тензиите и продолжување на напорите за историско помирување меѓу двете земји.

Спорот доаѓа во чувствителен период за односите меѓу Украина и Полска, која од почетокот на руската инвазија е еден од најголемите поддржувачи на Киев. Сепак, историските прашања повторно создаваат притисок врз билатералните односи.

Во обид да се намалат тензиите, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха предложи пакет „антикризни мерки“, а Зеленски неодамна се сретна и со новиот полски претседател Карол Навроцки. И покрај дипломатските чекори, спорот веќе остави последици врз дел од полската јавност, а во земјата се зголемуваат повиците за повнимателен пристап кон идната поддршка за Киев и поголемо вложување во сопствената одбрана.

е-Трн да боцка во твојот инбокс