Фон дер Лајен со порака: Завршување на обврските, па европски патоказ за Македонија

Европската комисија нема да ја менува преговарачката рамка, а планот за реформи и пристап до фондовите ќе се отвори само по уставните измени.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на посетата на Скопје стави јасни рамки околу европскиот пат на земјата. Брисел нема намера да ја преговара одново утврдената преговарачка рамка. Македонија ќе добие детален патоказ и пристап до средства дури откако ќе ги исполни преземените обврски со внесувањето на Бугарите во Уставот, оставајќи ги билатералните несогласувања да се решаваат во директен дијалог со Софија.

Пораката од Брисел беше директна и институционална. Претседателката на Европската комисија јасно посочи дека отворањето на првиот преговарачки кластер зависи исклучиво од спроведувањето на веќе договорените чекори. Македонија треба да усвои патокази за владеење на правото и за реформа на јавната администрација, но овие документи формално ќе стапат на сцена дури по гласањето на уставните измени во Собранието.

Во разговорите со државниот врв, Фон дер Лајен не остави простор за ревизија на преговарачката рамка усвоена во 2022 година. Преговарачката рамка е одобрена од сите 27 земји членки на Унијата. Тоа значи дека институциите во Брисел немаат мандат за нејзино менување, ниту за прифаќање на предлозите за одложено дејство на уставните измени.

Наместо директно европско посредување, шефицата на Комисијата упати порака за директна билатерална комуникација со Софија. Советот до македонските власти е да се организираат работни средби со бугарските институции, со цел да се надминат недоразбирањата без да се влегува во обиди за повторно отворање на веќе дефинираните европски документи.

Додека Скопје се соочува со застој поради внатрешната политичка блокада, остатокот од регионот се движи со различна брзина. Албанија успешно ги води преговорите, а Фон дер Лајен кажа дека ја гледа Црна Гора како членка до 2028 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс