Научниот собир „Европски дијалози во Скопје“ ќе се одржи од 29 септември до 2 октомври 2026 година, во организација на Францускиот институт во Париз и Скопје. Настанот на едно место собира истражувачи, уметници, новинари, студенти, дипломати и активисти од Франција, Северна Македонија и други европски земји. Програмата опфаќа дебати, предавања и изложби посветени на споделената историја и општествените вредности.
Официјалната програма започнува на 29 септември во 19:00 часот во Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје, со отворањето на изложбата „Солидарноста како иднина“.
Овој кураторски и визуелен вовед ја поставува рамката за наредните дебатни денови, ставајќи го фокусот врз историското искуство на градот и пошироката европска соработка.
Главниот дел од научниот собир се одвива низ три тематски целини. Првиот работен ден, на 30 септември, е посветен на темата „Историја и заедничко наследство“, каде експертите ќе дискутираат за зачувувањето на културната меморија.
Вториот ден, на 1 октомври, отвора дебата за „Заедништво и почит кон различностите“, со фокус врз плурализмот во современите општества.
Завршните сесии на 2 октомври ја третираат темата „Споделени хоризонти: Каква иднина за Европа?“, со фокус на општествените трансформации и улогата на граѓанскиот сектор.
Настанот завршува на 2 октомври во 20:30 часот со музички дијалог Скопје–Париз, што ќе се одржи во просторот на „Лабораториум“.
Организаторите најавија дека целосната програма и пристапот до пријавите за сите сесии се достапни на официјалната страница на Францускиот институт (www.ifs.mk).