Европската десница бара истрага против левицата по насилните протести во Франција

Групата на Европските конзервативци и реформисти собира потписи за постапка против Европскиот сојуз на левицата, обвинувајќи го дека преку една од своите членки ги загрозува темелните вредности на ЕУ
epa13277368 A pedestrian walks past damage in the aftermath of clashes occurred between riot police and demonstrators during a high school students' protest against education conditions in Paris, France, 02 October 2026. EPA/Firas Abdullah

Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) започнаа иницијатива за покренување истрага против Европскиот сојуз на левицата (ЕЛА), откако француската влада ја обвини левичарската партија „Непокорена Франција“ (ЛФИ) дека стои зад организирањето на протести во училиштата, дел од кои прераснале во насилни инциденти. Доколку постапката биде покрената и заврши со санкции, политичката групација би можела да биде избришана од регистарот и да остане без финансирање од буџетот на Европската унија, што би претставувало сериозен удар врз европската левица.

Иницијативата ја покрена потпретседателот на ЕЦР, Чарли Вајмерс, кој смета дека Европскиот парламент мора да реагира на обвинувањата што доаѓаат од кабинетот на францускиот премиер Себастиен Лекорни. За да биде ставен предлогот на гласање, Вајмерс до 16 октомври треба да собере 180 потписи од европратеници од најмалку три политички групации. Според неговите проценки, неопходната поддршка би можела да дојде од десничарските и крајнодесничарските пратеници.

Гласањето за предлогот за започнување на постапката е предвидено за пленарната седница на Европскиот парламент на 19 октомври. Сепак, за иницијативата да помине ќе биде потребна и поддршка од Европската народна партија (ЕПП), најголемата групација на десниот центар во Европскиот парламент. Тоа ја прави постапката и пошироко политички значајна, бидејќи нејзиниот исход ќе зависи од тоа дали десниот центар ќе застане зад барањето на конзервативците.

ЕЛА ги отфрла обвинувањата

Европскиот сојуз на левицата ги отфрла обвинувањата и тврди дека поддршката за младите кои протестираат за подобро образование не претставува кршење на европските вредности. Копретседателката на ЕЛА, Катарина Мартинс, ја обвини ЕЦР дека ги злоупотребува процедурите на Европската унија за политички цели.

Според Мартинс, конзервативците со иницијативата се обидуваат да го пренасочат вниманието од истрагите што се водат против десничарски и крајнодесничарски политички сили поради сомнежи за кршење на европските вредности. Таа потсети дека и политичарите од ЕЦР биле критикувани во контекст на истите вредности.

Во Франција, пак, притисокот врз „Непокорена Франција“ доаѓа и од домашната политичка сцена. Лидерот на Републиканците и претседателски кандидат Бруно Ретајо изјави дека по немирите се поставило и прашањето дали ЛФИ треба да биде забранета. Тој ја обвини партијата дека е „фасцинирана од насилството“.

Европскиот сојуз на левицата обединува повеќе левичарски партии од земјите членки на ЕУ, меѓу кои шпанската „Подемос“, данската „Енхедслистен“, италијанската „Левица“ и португалскиот „Блоку де Ескверда“. Француската „Непокорена Франција“ е исто така дел од ова политичко семејство.

Случајот сега се претвора во поширок спор за тоа каде завршува правото на политичките партии да поддржуваат протести и политички движења, а каде почнува одговорноста за насилството што може да произлезе од нив. Доколку иницијативата на ЕЦР добие доволно поддршка, Европскиот парламент ќе мора да одлучува дали обвинувањата против една национална партија се доволна основа за постапка

е-Трн да боцка во твојот инбокс