Групацијата ЕОС повторно е назначена за член на Советодавниот панел за нефункционални кредити на Европската комисија, со што се потврдува нејзината експертиза во развојот на секундарните пазари за нефункционални пласмани во Европа. Панелот, формиран во 2021 година, има задача да дава стручни насоки и препораки за управување со нефункционалните кредити и за унапредување на регулативата во оваа област.
Од ЕОС посочуваат дека повторното именување е признание за долгогодишното искуство на групацијата како инвеститор и сервисер на побарувања на повеќе европски пазари. „Горди сме што повторно сме именувани во овој значаен советодавен панел и што имаме можност да придонесеме во креирањето на политики кои го унапредуваат функционирањето на секундарните пазари за нефункционални кредити во Европа“, изјави Фреда Штокфлет, виш потпретседател за корпоративно право во Групацијата ЕОС.
Повторното назначување има значење и за македонскиот финансиски пазар, каде ЕОС Матрикс Македонија, како дел од меѓународната групација, учествува во развојот и стабилизацијата на секундарниот пазар на побарувања. Компанијата посочува дека со управувањето со нефункционалните пласмани се намалува товарот врз банкарскиот сектор и се создава простор за нов кредитен раст кон компаниите и граѓаните.
Главната извршна директорка на ЕОС Матрикс за Македонија и Косово, д-р Катерина Бошевска, истакнува дека управувањето со нефункционалните пласмани е комплексен процес што бара прецизна анализа, проценка на вредноста на портфолијата и одговорно преземање на ризикот при наплата. Според неа, пристапот на компанијата се заснова на транспарентност, фер третман и одговорна комуникација со корисниците, со фокус на одржливи решенија.
Од ЕОС Матрикс Македонија нагласуваат дека е потребно и ново, сеопфатно законско решение усогласено со европските директиви. Таквата регулатива, според компанијата, треба да опфати јасни правила за управување со побарувањата, заштита на потрошувачите, транспарентност и ефикасни механизми за наплата, реструктурирање, инсолвентност и извршување.
ЕОС Матрикс Македонија досега има инвестирано околу 35 милиони евра, а вредноста на портфолиото со кое управува изнесува околу 300 милиони евра. Компанијата е дел од Групацијата ЕОС, која работи на повеќе од 25 пазари во Европа и има повеќе од 50 години искуство во управување со побарувања.