Европа сака свои чипови, ама прво мора да најде кој ќе ги купува

Новиот Chips Act 2.0 треба да ја смени европската стратегија: од субвенционирање фабрики кон создавање побарувачка за европски чипови, особено за вештачка интелигенција.

Европската Унија подготвува нова верзија на Законот за чипови, со која фокусот треба да се помести од само градење фабрики кон создавање реална побарувачка за европски полупроводници. Според нацрт-документи во кои увид имале Euronews и Reuters, новиот Chips Act 2.0 треба да биде претставен на 3 јуни и ќе биде дел од поширокиот пакет за технолошки суверенитет на ЕУ.

Првата верзија на европскиот Chips Act беше насочена главно кон зголемување на производството преку јавни субвенции и привлекување големи инвестиции. Но тој пристап доби сериозен удар откако Intel ги откажа плановите за две големи фабрики во Магдебург, Германија. Лекцијата за Брисел е јасна: фабрики на хартија не се доволни ако Европа нема доволно купувачи, договори и индустриска побарувачка за чипови.

Новиот план затоа воведува концепт на „агрегирање на побарувачката“, односно поврзување на европските производители со купувачи преку заеднички нарачки, јавни набавки и договори за откуп. Reuters објави дека Европската комисија сака да ги поттикне владите да купуваат чипови произведени од европски стартапи, како дел од обидот да се намали зависноста од САД и Источна Азија.

Ова е особено важно за вештачката интелигенција, каде што чиповите се новата инфраструктура на моќта. Без сопствен пристап до напредни полупроводници, Европа ризикува да остане корисник на туѓи технологии, туѓи облаци и туѓи индустриски правила.

Предлогот предвидува и посилни алатки за кризни ситуации во синџирите на снабдување. Во случај на недостиг или геополитички потрес, Европската комисија би можела да организира заеднички набавки и да бара приоритетни нарачки од фабрики што добиле јавна поддршка.

Chips Act 2.0 е дел од поширока европска нервоза околу технолошката зависност. Во документите за технолошки суверенитет, ЕУ ги посочува полупроводниците, облачните услуги и потрошувачките апликации како критични точки на зависност. Европската комисија уште во март оцени дека ревизијата на Законот за чипови е можност да се зајакне индустријата за полупроводници како основа на економската безбедност и конкурентноста на Европа.

Во истиот пакет се очекува и предлог за Cloud and AI Development Act, со кој јавните институции би требало да внимаваат каде се обработуваат податоците, кој ја контролира инфраструктурата и колку е суверена облачната услуга што ја користат.

Европа одамна зборува за технолошки суверенитет. Но новиот план покажува дека суверенитетот не се гради само со пари и фабрики. Се гради и со пазар, купувачи, јавни набавки, индустриска стратегија и доволно политичка волја Европа да не остане само голем регулатор на технологии што ги произведува некој друг.

е-Трн да боцка во твојот инбокс