Европа крена тревога по рускиот дрон во Романија: „Ова е ново ниво на ескалација“

Брисел, НАТО и Букурешт го осудија ударот врз станбена зграда во Галаци, каде што беа повредени две лица, а Романија најави дипломатски мерки против Москва.

Европа остро реагираше откако руски дрон удри во станбена зграда во романскиот град Галаци и повреди две лица. Инцидентот, кој се случи на територија на Европската Унија и НАТО, Брисел го оцени како сериозно кршење на суверенитетот на Романија и ново ниво на ескалација на руската војна против Украина.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека „агресорската војна на Русија преминала уште една граница“. Таа нагласи дека руски дрон влетал и погодил густо населено подрачје во Романија, при што биле повредени цивили, и порача дека Европската Унија ќе продолжи да ја зајакнува безбедноста и одбраната на источните граници на блокот.

Калас: Москва не смее неказнето да го крши европското небо

Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, оцени дека падот на рускиот дрон е „очигледно и сериозно кршење“ на суверенитетот на Романија и на европскиот воздушен простор. Калас разговарала со романската министерка за надворешни работи, Оана Коју, на која ѝ ја пренела целосната солидарност на ЕУ.

„Русија одамна престана да ги почитува границите. На Москва не смее да ѝ се дозволи неказнето да го крши европскиот воздушен простор“, порача Калас.

НАТО ја осуди „руската непромисленост“ и најави зајакнување на одбраната

За инцидентот се огласи и НАТО. Портпаролката на Алијансата, Алисон Харт, соопшти дека генералниот секретар Марк Руте е во контакт со романските власти по ударот на дронот во Галаци и дека НАТО остро го осудува нападот.

Харт порача дека Алијансата ќе продолжи да ги зајакнува своите одбранбени капацитети од сите закани, вклучително и од беспилотни летала.

Романија го повика рускиот амбасадор и најави дипломатски одговор

Романската министерка за надворешни работи, Оана Коју, го оцени инцидентот како „исклучително сериозен“ и „неодговорен акт на Русија“. Таа потврди дека рускиот дрон влегол во романскиот воздушен простор и дека Букурешт ги известил НАТО, сојузниците и министрите за надворешни работи на европските држави.

Романија го повика рускиот амбасадор Владимир Липаев во Министерството за надворешни работи, каде што треба да биде информиран за дипломатските мерки што Букурешт ќе ги преземе. Романските власти соопштија дека Министерството за одбрана потврдило оти дронот што удрил во станбен објект е од руско потекло.

Повредени две лица, кренати авиони Ф-16

Дронот се урнал врз станбена зграда во Галаци, по што следеле експлозија и пожар во стан на десеттиот кат. Две лица биле полесно повредени и пренесени во болница. Пред ударот, романските власти издале предупредување за населението во Галаци, Браила и Тулча, а биле подигнати и два романски авиона Ф-16.

Романскиот претседател Никушор Дан свика седница на Врховниот совет за национална одбрана за да се разгледаат последиците од падот на дронот, кој романските медиуми го опишуваат како најсериозен инцидент на романска територија од почетокот на руската агресија врз Украина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс