Европа под „топлинска купола“: Во Португалија измерени рекордни 40,3 степени

Западна Европа е погодена од екстремен топлотен бран, а Португалија измери рекордни 40,3 °C за мај. Црвени предупредувања се издадени во Италија, додека Франција воведува мерки поради високите температури.

Португалија постави нов температурен рекорд за месец мај, откако во градот Моура, во централниот дел на земјата, беа измерени 40,3 степени Целзиусови. Со тоа беше надминат претходниот рекорд од 40 степени, поставен во мај 2001 година. Екстремниот топлотен бран зафати голем дел од западна Европа и предизвика проблеми од Франција до Италија.

Франција подготвува мерки против екстремните горештини

Францускиот премиер Себастиен Лекорну денеска претседаваше со состанок на министрите посветен на подготвеноста на земјата за екстремни температури. На состанокот се разговарало за планови за справување со шумски пожари и обезбедување доволни резерви на вода во текот на летото.

И покрај високите температури, државната матура ќе се одржи според предвидениот распоред, иако неколку училишта беа принудени привремено да затворат поради неподносливи услови. Основното училиште во Сустон, на пример, ќе остане затворено во четврток и петок, откако температурата во зградата достигнала 53 степени Целзиусови.

Францускиот министер за образование Едуар Жефреј изјави дека испитните центри ќе можат да избираат простории со најмногу сенка и подобра вентилација. Одлуката предизвика критики од образовните синдикати. Според анкета на синдикатите, речиси 78 проценти од средните училишта оваа недела регистрирале температури над 30 степени.

Црвени предупредувања во Италија

Во Париз, каде што за викендот се очекуваат температури до 34 степени, властите најавија ограничувања во сообраќајот и намалување на дозволената брзина. Ќе биде дозволено движење само на возила со пониски емисии на штетни гасови, а ќе биде воведен и единствен билет за јавниот превоз. Портокалово предупредување е во сила за 17 департмани во северозападна Франција, вклучително и Париз.

Во Италија, властите издадоа прво црвено предупредување оваа година за неколку градови, меѓу кои Рим, Фиренца, Болоња, Бреша и Торино. Предупредувањето укажува на можни сериозни последици по здравјето, дури и кај здрави и физички активни лица. И Шпанија се соочува со високи температури, а во Мадрид за викендот се очекуваат до 35 степени Целзиусови.

Климатските промени ги засилуваат топлотните бранови

Научниците објаснуваат дека непосредната причина за актуелниот топлотен бран е таканаречената „топлинска купола“ , област со висок воздушен притисок која останува неподвижна и го задржува жешкиот воздух под себе. Иако е тешко секој поединечен временски екстрем директно да се поврзе со климатските промени, експертите предупредуваат дека тие ги прават топлотните бранови сè почести и поинтензивни.

Според европската климатска служба „Коперникус“, Европа во последните 30 години се загревала со темпо од 0,56 степени по деценија.

Обединетите нации предупредија дека глобалните просечни температури веројатно ќе останат на рекордно високи нивоа и во следните години. Сите 11 најтопли години во историјата на мерењата се забележани по 2015 година, а експертите предупредуваат дека нов рекордно топол период е многу веројатен пред 2031 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс